Утрински Весник
Македонија

Продолжи судењето во Кривичен за случајот со прегазениот пешак на кејот на Вардар

Krivicen Sud.webp.webp

Со сослушување на законскиот застапник на семејството на починатиот и со расправа околу предложените докази за казнена евиденција на одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против 25-годишниот скопјанец Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотор „кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата.

На денешното рочиште, јавната обвинителка побара од Судот да ги одбие доказите за казнена евиденција, предложени од одбраната на обвинетиот оценувајќи дека тие немаат поврзаност со околностите релевантни за определување на санкцијата.

– Предлагам на Судот доказите кои што се наведени од страна на одбраната да ги одбие, бидејќи фактите кои треба Судот да ги потврди не се релевантни, односно не постои поврзаност меѓу предложените докази и решавачките околности – рече обвинителката.

За обвинителството личните и семејните прилики на обвинетиот Љури не се спорни, но, како што нагласи обвинителката, тие немаат влијание врз утврдување на фактите поврзани со кривичното дело. Според неа, психијатриското вештачење на вонбрачната партнерка е нерелевантно, бидејќи „околностите што влијаат на казната се врзани за личноста на сторителот, а не за лица од неговото семејство“ и затоа, нагласи, Судот има поголема обврска да ја цени состојбата и траумите на семејството на жртвата, отколку членовите на семејството на обвинетиот.

Во однос на дополнително доставеното сообраќајно вештачење, Обвинителството оцени дека со таквиот доказ се алудира на поинаква фактичка состојба, спротивна на признанието на вина што веќе го дал обвинетиот.

– Во услови на признание на вина, фактичката состојба е утврдена и не може повторно да се утврдува, ниту обвинетиот има право да ја оспорува. Вештачењето на ОЈО јасно наведува дека оштетениот нема придонес во незгодата – нагласи обвинителката.

Според бранителот на обвинетиот Љури, адвокат Гоце Ристески, пак, доставените докази се однесуваат исклучиво на одредувањето на висината на кривичната санкција.

– Доставивме доказите по четири основи: степен на одговорност, семејни прилики, поранешен живот и имотно-правни околности. Доказите за вонбрачната заедница и очекуваното дете се дел од семејните прилики и Судот треба да ги цени – изјави Ристески.

Додаде дека и предложеното психијатриско вештачење е релевантно, бидејќи придонесува за целосно согледување на семејната состојба на обвинетиот.

Во однос на дополнителното сообраќајно вештачење, Ристески посочи дека тоа не ја менува фактичката состојба, туку појаснува околности што може да бидат од влијание при одмерување на санкцијата.

По разгледувањето на приговорите, Судот донесе решение со кое делумно го прифати приговорот на јавниот обвинител. Прифати дел од доказите предложени од одбраната на 9 октомври и 11 ноември 2025 година, кои се однесуваат на определување на санкцијата, но не го прифати техничкиот извештај и дел од доказите наведени во листата од 9 октомври. Во поглед на нивната релевантност и веродостојност, пак, Судот ќе се произнесе во пресудата.

На денешната расправа на прашања од Обвинителството одговараше и законскиот застапник на покојниот, неговата сопруга Јасминка Николовска, која посочи дека кривично-правниот настан силно влијаел врз животот на целото семејство. Таа пред Судот изјави дека има две ќерки, а за една од нив, истиот ден кога се случила несреќата, дознале дека е бремена, вест која, како што кажа, се претворила во траума наместо радост.

Обвинителството го товари Љури за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Според обвинението, тој управувал мотор без дозвола по пешачка патека со брзина од 35 километри на час, што се смета за небезбедно на локација предвидена исклучиво за пешаци. По несреќата, обвинетиот го напуштил местото на настанот.

По рочиштето, изјава за медиумите даде ќерката на починатиот, Маја Бошковска, која изрази надеж дека ваквото безобзирно управување на моторно возило ќе биде најстрого казнето.

– Денешното рочиште беше исклучително тешко и стресно за нашето семејство. Секојпат кога сме во судница, повторно и повторно нè враќа на трагичниот настан и се чувствуваме како повторно да го губиме татко ми. Тој беше несмасно, смртно прегазен на пешачка патека, место кое треба да претставува симбол на безбедност. Татко ми буквално беше прегазен пред очите на деца, на нивните родители, на граѓаните кои секој ден го поминуваат тоа место. Затоа навистина се надеваме дека ваков невнимателен, опасен начин на управување со возило мора најстрого да се санкционира – изјави Бошковска.

Можете да прочитате

Три години затвор и пет години забрана за вршење дејност за гинекологот Асани за случајот со родилката од Дебар

Обвинителството се жали на ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска

Дождовите го зголемија дотекот на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“