Утрински Весник
Македонија

Привилегираните од дијаспората со МКарта ќе користат брза лента на двата македонски аеродроми

Привилегираните од дијаспората со МКарта ќе користат брза лента на двата македонски аеродроми

Давањето на карта за идентификација како МКарта на успешните македонски граѓани од дијаспората е почит кон нив и нивните дела, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи за списокот од 69 истакнати поединци кои ќе можат да користат брза лента на двата македонски аеродроми во Скопје и во Охрид.

dobivaj vesti na viber

Откако министерот поради коректност кон нив не ги прочита имињата на привилегираните, а рече дека не се тајна, „А1он“ го побара и го доби списокот од МНР на сите успешни личности од дијаспората кои ќе користат, како што вели Османи, симболични привилегии кои не им значат многу.

Меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, политичари и инженери како оперскиот пејач Благој Нацоски, кошаркарскиот тренер Заре Марковски, успешните доктори д-р Иво Бошковски од клиниката во Рим, д-р Димитар Ефремов научник од областа на хематологијата и ендрокринологот Горан Петровски од Катар.

Но, на списокот има и контроверзни личности за кои јавноста нема позитивно мислење како што е името на бизнисменот Ристо Гуштеров кој како дел од раководниот кадар во државната „Технометал“ стекна големо богатство во периодот на транзицијата. На изборите во 2011 година се обиде да стане пратеник преку партијата Достоинство.

На списокот за успешен во дијаспората е и поранешниот министер за странски инвестиции во една од Владите на Никола Груевски, Глигор Ташкович кој пред две години беше осомничен дека бил дел од голема измама вредна 45 милиони долари. Наводно, група на луѓе во кои бил и Ташкович се обидувале да ја искористат пандемијата со ковид-19 и да им продадат на градските власти милиони заштитни маски Н-95 по многу повисока цена од продажната.

– Сакав да формираме мрежа на тие луѓе и да ги вклучиме во различни групи во процесот. Им дадовме карта за идентификација за да биде доказ дека се успешни луѓе од дијаспората. Проценив дека може да се направи нешто повеќе од почит кон нив отколку што тие привилегии им значат. Мислите дека им значи што 50 денари ќе платат во музеј во земјава. Ниту брзиот премин не им значи нив, тоа е само симболика. Јас сум задоволен што ме критикуваат на оваа тема затоа што сакам веста да стигне до дијаспората. Да знаат дека не ги заборавивме, дека ни се важни. Повеќе привилегии не можеме да им дадеме, не можеме да ги платиме толку колку што земаат иако би сакале – рече Османи.

МКартата им следува само на истакнати личности или поединци од дијаспората кои дале посебен придонес за подобрување на односите на Македонија со државата во која престојуваат, на меѓународниот углед на државата или се признати професионалци во струката. Истата е ограничена со рок на траење од четири години.

„Како што и вчера беше нагласено, досега се издадени вкупно 69 МКарти на видни личности. Одлуката ја донесува Министерот, на предлог на шеф на дипломатско-конзуларно претставништво на Северна Македонија во странство или друг државен орган. Во процесот е вклучен и Секторот за дијаспора, при МНР. Процесот на детектирање на истакнати лица од дијаспората продолжува и нема дефиниран број колку би се издале“, рекоа од МНР за „А1он“.

Орце Костов

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија