Двајцата шверцери на мигранти од Скопје, кои вчера се степаа со полицаец, од чие службено оружје беше испукан куршум, кој смртоносно погоди мигрант, добија притвор. Тие се гонат за шверцување 11 лица. Неофицијалните информации се дека мигрантите се од три држави, меѓу кои и Пакистан. Обвинителството објави дека постоел обид двајцата шверцери од Скопје да избегаат по што настанала тепачката.
„Полициските службеници од ПС за ГП и ГН Богородица, вчера, во раните утрински часови, при вршење работи од нивна надлежност, на паркинг-просторот на местото наречено Стара Касарна во Гевгелија, ги затекнале осомничените во вршење на наведеното кривично дело. Имено, второосомничениот во улога на чистач, со ПМВ, марка ‘форд фокус’, што го управувал, на илегалните мигранти, кои чекале во близина, им дал звучен сигнал да излезат. Првоосомничениот, пак, во ПМВ, марка ‘мерцедес’, со бугарски регистерски ознаки, а кои минатиот месец биле пријавени за украдени од подрачјето на Гевгелија, ги прифатил со намера да ги превезе и почнал да ги сместува во задниот дел од возилото. Додека траело сместувањето на мигрантите, со цел да бидат обезбедени затекнатите лица, полициски службеник презел дејство и ги предупредил со ‘Стој, полиција’. Додека преземал дејства за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во телото на мигрантката, која веќе била сместена на задното седиште во возилото“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и на двајцата осомничени, кои се гонат по скратена постапка, им определи мерка притвор.