Утрински Весник
Свет

Приштина набрзина го менува законот за попис поради српските општини

Приштина набрзина го менува законот за попис поради српските општини

Властите во Приштина имаат намера многу брзо да го променат законот за попис на населението за наесен да се спроведе попис во четири општини на северот од Косово со мнозинско српско население, пренесува РТ Балкан.

dobivaj vesti na viber

Првиот човек на Агенцијата за статистика на Косово, Иљир Бериша, изјави дека поради оставките на градоначалниците на четири општини на северот од Косово и поради тоа што не биле навреме доставени предлозите за членови на комисиите, не биле формирани општински комисии, кои како што налага сегашниот закон, мора да бидат активни шест месеци пред почетокот на пописот.

Градоначалниците на Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ поднесоа оставки лани во ноември, новоизбраните градоначалници се уште немаат положено заклетва, а почетокот на пописот е закажан од 1-16 септември, па законот за попис мора итно да се смени за да се формираат комисии и се да се вклопи во правните норми на државата.

Бериша вели дека законот многу брзо ќе биде испратен за дополнување, со кое ќе се предвидат случаи во кои рокот од шест месеци нема да се однесува на локалните избори, бидејќи законот предвидува да не се одржуваат локални или централни избори шест месеци пред пописот , а во Косово имаше локални избори во четири општини.

Последниот попис во Косово е одржан во 2011 година, а според тогашната статистика на Приштина, во земјата живееле 1.739.825 жители, од кои 1.616.869 или 93% Албанци, и 25.532 или 1,47 отсто Срби.

Ваквите податоци се резултат на тоа што во четирите општини на северот од Косово за кои Приштина сега го менува законот, пописот не е ни спроведен, а во српските енклави јужно од Ибар, Србите само делумно учествувале на пописот, односно, се попишале само малку повеќе од 25.000.

Според пописот од 2011 година, Србите биле мнозинство во 10 општини во Косово: во четири на северот – Митровица, Звечан, Лепосавиќ, Зубин Поток – и во шест јужно од Ибар – Штрпце, Грачаница, Клокот, Ранилуг, Партес, и Ново Брдо.

Според проценките на ОБСЕ од 2013 година ОБСЕ, во Косово живеат повеќе од 140.000 Срби. Според други проценки, во Косово живеат околу 100.000 Срби, од кои 40 отсто живеат на северот и 60 отсто јужно од Ибар.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во едно обраќање од 2019 година изјави дека во 2017 година во Косово живееле 94.998 Срби, од кои 47,1% живееле во четирите општини на северот, а 52,8 отсто јужно од Ибар.

 

Можете да прочитате

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд

Истражување: Загадувањето на воздухот од пожари е поврзано со 1,5 милиони смртни случаи годишно