Принцот Хари денес треба да се појави пред Високиот суд во Лондон за да сведочи во својата тужба против издавачот на британскиот таблоид „Дејли мирор“.
Војводата од Сасекс го тужи „Мирор груп нузпејперс“ (МГН) тврдејќи дека новинари од „Дејли мирор“, „Сандеј мирор“ и „Сандеј пипл“ користеле методи како хакирање телефон, благирање или добивање информации со измама, и ангажирање приватни истражители за незаконски активности.
Тој е меѓу десетици луѓе од висок профил кои го тужат МГН за незаконски активности во периодот од 1991 до 2011 година.
Војводата од Сасекс, најмладиот син на кралот Чарлс, е прв член ка кралското семејство во последните 130 години што ќе биде подложен на вкрстено испрашување во британскиот суд во рамки на блокбастер правна битка, термин што го користат медиумите во Британија за ова судење.
Во понеделникот, Дејвид Шерборн, кој го застапува Хари, се осврна на напис од 2003 година во кој е опишана наводна кавга меѓу принцот Хари и принцот Вилијам поради Пол Барел, поранешниот батлер на нивната мајка принцезата Дијана.
„Односот на принцот Хари со неговиот брат, принцот од Велс, претрпел недоверба поради написите објавени од издавачот на „Мирор“, МГН, беше кажано во судот во понеделникот.
„Дури и во оваа многу рана фаза на формирање… семето на раздорот меѓу овие двајца браќа почнува да се сее,“ рече адвокатот.
„Браќата понекогаш може да не се согласуваат. Но, штом тоа јавно ќе се објави на овој начин и кога нивните внатрешни чувства ќе се откријат на таков начин, довербата почнува да се нагризува.“
„Може да се види како недовербата се создава од мали нозе, токму поради овој вид активности.“
Адвокатот тврди дека ваквите написи всушност посеале семе на раздор меѓу браќата.
Принцот Хари тврди дека околу 140 написи објавени помеѓу 1996 и 2010 година содржеле информации собрани со незаконски методи, а 33 од нив се одбрани да бидат разгледани на судењето.
Судењето започна минатиот месец, при што адвокатите кои го застапуваат Хари и уште тројца тужители се обидоа да докажат дека незаконското собирање информации било извршено со знаење и согласност на главни уредници и раководители.
МГН, кој сега е во сопственост на Reach (RCH.L), се извини на почетокот на судењето за еден посочен пример во кој „Сандеј пипл“ на незаконски начин барал информации за Хари, признавајќи дека тој има право на компензација.
Сепак, МГН ги отфрли другите наводи на принцот Хари, тврдејќи дека му недостигаат докази за да ги поткрепи неговите тврдења.
Се очекува Бакингемската палата често да се споменува во текот на вкрстеното испрашување на Хари, а МГН тврди дека некои информации дошле од кралски соработници.