Основното јавно обвинителство Прилеп го доби полицискиот извештај за повредениот шестоодделенец во основното училиште „Гоце Делчев“, кој во поладневната смена во понеделникот, од досега непознати причини паднал од прозорецот од највисокиот, трет кат, на училишната зграда и се здобил со тешки телесни повреди, скршеници на стапалата на нозете и на прешлени.
Извештајот беше на барањето на Обвинителството со искази од медицински лица, од вработени на училиштето и од видео снимки за немилиот настан.
-Го добивме полицискиот извештај. Ќе ги разгледаме исказите, видео материјалот од камерите и, ако треба, ќе побараме искази од други лица кои не ги испитала комисијата за да констатираме што се случило. Случајот е класифициран како несреќен, ни изјави в.д основниот јавен обвинител Лидија Салатоска Илиеска.
Немилиот настан се случи во понеделникот, на 20 јануари, во поладневната смена на првиот училишен ден во второто полугодие во ОУ „Гоце Делчев“ во Прилеп, поконкретно во 14:35 часот, за време на големиот одмор. Веднаш била повикана службата за Итна помош.
Лекарите констатирале дека ученикот бил во полусвесна состојба пред училишната зграда. Тој бил префрлен на Одделот за анестезија каде, првично биле констатирани скршеници на стапалото и сомнеж за скршеници на прешлените, а потоа пренесен на Детска хирургија во Скопје.
-Во училницата, на највисокиот кат, биле дежурниот ученик и 11-годишникот од шесто одделение. Дежурниот наставник поминал, го прашал шестоодделенецот зошто не излегол на големиот одмор и добил одговор дека му студи, има јадење и ќе остане во училницата. Кога заминал, а дежурниот ученик излегол да си земе храна, во тие неколку минути се случил немилиот настан, објасни директорката на училиштето Снежана Котева.
Ученикот се лекува на Детска хирургија во Скопје по скршениците на стапалата и на прешлените.