Утрински Весник
Македонија

Придружниот вокал на ДНК со потресна исповед: „Сцената беше како хорор, се боревме за воздух“

1742303638 Img 5142.jpeg

Со емотивно и потресно сведочење пред Судот, Ана Костадовска, придружен вокал и соработник на музичката група ДНК, ја опиша драматичната ноќ на трагичниот настан во дискотеката во Кочани, раскажувајќи за моментите на паника, пожар и борба за преживување.

Костадовска појасни дека не била постојан член на бендот, туку била ангажирана по потреба, зависно од настапите, додавајќи дека заедно со неа настапувала и Сара Пројковска, со која има блиска професионална и пријателска соработка, објави 4news.mk.


Во текот на распитот, обвинителството поставило прашања поврзани со нејзиниот ангажман, на што одбраната реагирала со приговор дека сведоците треба да одговараат само на прашања директно поврзани со кривичните дела. Судот, сепак, не го прифатил приговорот и сослушувањето продолжило.

Сведокот истакна дека за техничката поддршка бил задолжен Мартин Атанасов, додавајќи дека лично никогаш не видела кој ги поставувал прскалките на сцената, иако тие со години се користеле без да предизвикаат проблеми.

„Стоеја до нас, прскаа и во опремата, но никогаш претходно немало инцидент“, изјави Костадовска.

Таа раскажа дека на 15 март во Кочани пристигнале со автомобил заедно со Андреја и Сара, додека Панчо пристигнал подоцна. Наместо класичен бекстејџ, изведувачите се подготвувале во импровизирана просторија одвоена од дискотеката, каде имало и импровизиран тоалет.

Концертот започнал околу 1:30 часот, а објектот бил преполн, па изведувачите морале да се пробиваат низ публиката за да стигнат до бината.

Според нејзиното сведочење, прскалките секогаш се активирале на истата песна, но овојпат ситуацијата брзо излегла од контрола.

„Почувствував топлина и кога погледнав нагоре – гореше“, сведочеше таа.

Откако се симнала од бината, забележала врата и ги повикала останатите да излезат, но утврдиле дека е заклучена со катанец. Потоа се упатиле кон шанкот во обид да најдат друг излез, кога состојбата веќе ескалирала.

„Се слушаа пукања, пластиката почна да пука, беше многу жешко. Настана стампедо и не можевме да излеземе“, изјави Костадовска.

Таа и Сара стигнале до делот кај тоалетите, но во метежот биле оттурнати и разделени. Костадовска паднала непосредно пред излезот, затрупана од луѓе.

„Имаше страшен мирис што те тераше да заспиеш. Се трудев да останам свесна. Еден дечко до мене не држеше будни сите. Ногата ми беше приклештена, имаше луѓе над мене. Сцената беше како хорор“, рече таа.

Во еден момент почувствувале свеж воздух, што им дало надеж дека излезот е отворен. Со помош на непознато лице успеала да ја ослободи ногата и да излезе надвор.

„Не се сеќавам кој беше момчето што ми помогна, но ми го спаси животот“, изјави Костадовска во своето сведочење пред Судот.

Можете да прочитате

Обвинителите бараат Собранието да не им ги намалува платите

Уапсен возач во Струга, возилото одземено

Димоски до Филков: Одговорноста за случајот Груби треба да се бара кај извршната власт