
Поминаа три месеци од катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени.
Во знак на солидарност и поддршка, делегација од шведскиот град Гетеборг, каде во 1998 година во слична трагедија загинаа 63 млади лица, во наредните три дена ќе престојува во Кочани. Шведските претставници ќе споделат искуства, пристапи и методи за полесно справување со последиците од ваквите настани.
Времето не можеме да го вратиме, ниту пак да ја избришеме болката, но можеме да понудиме модули и поддршка што ќе помогнат раните да заздрават побрзо“, порача амбасадорката Ларсон Џаин. Таа изрази длабоко сочувство со граѓаните на Кочани и ги пофали напорите на сите што помогнаа веднаш по несреќата – од здравствените работници до обични граѓани кои давале сè од себе за да ги спасат и згрижат повредените.
Психолозите и локалната самоуправа истакнаа дека секоја форма на поддршка е значајна – не само за семејствата на жртвите и повредените, туку и за целата заедница која се обидува да се опорави од трагедијата.
Седумчлената шведска делегација е составена од социјални работници, пожарникари и преживеани од пожарот во Гетеборг. Тие ќе одржат низа панел-дискусии, средби и разговори со засегнатите семејства, со цел да понудат искуствена поддршка и практични совети за справување со траумата.
Во меѓувреме, денеска пристигна и специјалната компресивна облека за лицата со тешки изгореници, набавена преку донации од организацијата „Сапорт Кочани“. Облеката ќе биде доставена до болницата, каде што ќе им помогне на повредените во процесот на рехабилитација.
Кочани продолжува да живее со болката, но и со желбата да најде начин за заздравување и обнова.