
Македонската асоцијација на земјоделски задруги денеска во Велес организира настан за промоција на можностите за финансиска поддршка на земјоделските задруги во Северна Македонија, во рамки на проектот „Конкурентни земјоделски задруги“ финансиран од Европската Унија, кој го спроведува со ЗБК Креација.
Како што најави организаторот, на настанот ќе бидат презентирани промените во законската регулатива со цел обезбедување различни механизми за финансиска поддршка достапни за задругите, а се со цел зајакнување на земјоделскиот сектор и одржлив рурален развој.
-Земјоделските задруги играат клучна улога во подобрувањето на конкурентноста, зголемувањето на ефикасноста на производството и обезбедувањето одржлив раст во руралните средини. Оваа иницијатива има цел да обезбеди вредни информации за земјоделците и претставниците на задругите за тоа како да пристапат до фондовите на ЕУ и националните фондови кои им се ставени на располагање, со цел да ги подобрат нивните бизниси, наведува организаторот.
Најавено е присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.