
Во „Europe House“ во Скопје денеска ќе бидат презентирани наодите од националниот извештај за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст од истражувањето во 2021/22 година во Република Северна Македонија „Врсничко насилство кај учениците од 11, 13 и 15 години во Република Северна Македонија”.
Како што информираат од Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА, овој извештај е првиот од националните извештаи за истражувањето во 2021/22 година во кој се прикажани наодите за врсничкото насилство (малтретирање во училиште, сајбермалтретирање и тепачки), социјалните нееднаквости и промената во однесувањата поврзани со малтретирањето и тепачките во периодите пред и по пандемијата со Ковид-19. Исто така, се прикажани и дел од наодите поврзани со доживеаното насилство врз адолесцентите кои изјавиле дека малтретираат со цел да се разбере кругот на насилство кој се одржува во семејствата и заедницата.
-Студијата за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (ХБСЦ) е меѓународна лонгитудинална студија која се спроведува секоја четврта година, a во Северна Македонија ја спроведува Центарот за психо-социјална и кризна акција Малинска, со одобрение од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА, соопштуваат од УНФПА.
Воведни обраќања ќе имаат Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, Рита Колумбија, постојана координаторка на ОН во Република Северна Македонија и претставник од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Додека, пак, наодите од извештајот ќе ги презентираат Маја Цветаноска, истражувач во тимот на студијата ХБСЦ и Шерузе Османи Балажи, национален ко-координатор на студијата ХБС.
На панел-дискусијата ќе се обратат Филип Ивковски, младински активист и поранешен претседател на Националниот младински совет на Македонија, Лидија Петкоска, пратеничка, Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија, Стојан Бајрактаров, претседател на работната група за изготвување на Акциски план за ментално здравје на деца и адолесценти и Лидија Штерјов, раководител на Одделението за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Сектор за еднакви можности во Министерството за социјална политика, демографија и млади.