Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини вечерва на прес-конференција демантира дека вршел притисок врз судиите во судечките совет кои одлучуваат за тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија за парламентарните избори.
Според него, тврдењата на Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ биле невистинити, инсинуации и клевети.
-Денешното мое појавување во јавноста е во врска со јавните изјави на господинот (Арбен) Таравари дека има сознанија односно информации дека јас како претседател на Судот вршам притисок над судиите кои што ги ценам како комплетни невистини, како инсинуации и клевети врз мојата работа како претседател на Управниот суд, рече Сејдини на прес-конференцијата во Судот.
Досега, како што кажа, Управниот суд има одржано четири јавни расправи, а во тек е петатата. Објавени се две одлуки на веб – странicата, а претходно тие беа објавени од самите судечки совети.
Сејдини смета дека ваквите изјави на јавните личности сериозно му штетат на имиџот на нашата земја во евроинтеграциските процеси. Особено смета дека, како што вели, делот од изјавата на господинот Таравари за негова одговорност и на судиите после 15 јуни, односно после формирање на новата Влада каде што тој ќе биде дел „се сериозен притисок и директен врз судиите, Управниот суд и генерално судството“.
-Морам да напоменам дека совесно, согласно закон и со многу голема одговорност сум ја вршел мојата работа како претседател на судот и истото ви го тврдам и за колегите мои и за стручната служба. Лично јас како претседател на Управниот суд немам потреба односно не знам да стравувам за мојата работа да ја вршам одговорно, согласно закон така што датумите што се спомнуваат 15 јуни или други датуми само ги гледам како денови во кои што со личниот интегритет и капацитет ќе можам да придонесам за доборото на нашата земја. Истото можам да го тврдам и за судиите од овој суд дека деновите, датумите ги гледаме како можности за да придонесеме за поквалитетна правда во нашата земја, рече Сејдини.