Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси изјави дека ќе бидат потребни најмалку 90 милијарди долари за обнова на разурнатиот Појас Газа. Тој во говорот во Каиро рече дека побарал од египетските институции да ги проценат трошоците за обнова на Појасот Газа, кој беше значително уништен од израелските напади и нагласи дека за тоа ќе бидат потребни 90 милијарди долари, пренесува Анадолија.
Тој посочи дека „она што се случува во Газа е предизвик за Египет и за целиот регион“.
„Преминот Рафа е отворен 24/7 и сакаме да донесеме помош во Појасот Газа“, рече Ал Сиси.
Тој додаде дека Египет испорачува хуманитарна помош во Газа по воздушен пат, бидејќи испораката на храна, лекови и други потреби по копнен пат е отежната.
Египет, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Катар, Оман и Бахреин спроведуваат заеднички воздушни операции во Газа веќе една недела, како и САД.
По нападот на Хамас на 7 октомври, Израел започна офанзива против Газа, во која досега загинаа речиси 31.000 Палестинци, а повеќе од 72.500 беа повредени.
Околу 85 отсто од жителите на Газа се раселени, а многумина се на работ на глад поради недостаток на храна, вода и лекови. Во израелските напади оштетена е 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа, јавува Анадолија.