Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека преговорите за завршување на војната во Украина можат да започнат само кога рускиот претседател Владимир Путин ќе сфати дека нема да победи.
„Според мене, неопходно е Путин да разбере дека нема да успее во својата инвазија и неговата империјалистичка агресија, односно дека треба да ја повлече армијата. Тоа е основата за разговорите“, изјави Шолц за Си-Ен-Ен.
Тој рече дека верува оти Украина е „подготвена за мир“.
„Ако се погледне предлогот на Украинците, лесно може да се види дека тие се подготвени за мир. Нешто мора да се направи, а тоа нешто зависи од Путин“, додаде Шолц.
Запрашан дали има договор за прекин на војната според кој Украина би се согласила да се откаже од контролата врз Крим и дел од источниот регион Донбас, Шолц рече дека таква одлука не може да се донесе без украинската страна.
„Нема да носиме одлуки наместо нив, но ќе ги поддржиме“, рече тој. Си-Ен-Ен го праша Шолц дали би го охрабрил Киев да се согласи на таков договор, но германскиот канцелар не даде директен одговор.