
И покрај тврдокорниот пристап на Доналд Трамп, неговите преговарачи развиваат план кој би можел да послужи како основа за мирно решение во Украина, објавува „Вашингтон пост“. Планот предвидува корејски модел за одвојување на завојуваните страни, заштита на суверенитетот и безбедноста на Украина, нејзино приклучување кон ЕУ уште во 2027 година, враќање на нуклеарната централа „Запорожје“ и економско закрепнување со користење на американски, европски и замрзнати руски средства.
Украински функционери потврдија дека се дискутираат три документи: мировен план, безбедносни гаранции и план за економско закрепнување. Главните идеи вклучуваат: Украина да се приклучи на ЕУ во 2027 година, САД и Европа да обезбедат безбедносни гаранции, Русија да нема вето врз суверенитетот на Украина, воспоставување демилитаризирана зона слична на Северна и Јужна Кореја, враќање на нуклеарната централа „Запорожје“ и привлекување инвестициски фондови за економско закрепнување.
Планирано е да се искористат и замрзнатите руски средства, а американските претставници веќе преговараат со „БлекРок“ и Светската банка за создавање фонд за развој на Украина, со очекувани инвестиции од 400 милијарди долари.


