Утрински Весник
Македонија

Предлог измените на Изборниот законик од ЛДП за воведување една изборна единица на 53. седница на Собрание

Sobranie.webp.webp

Предлог на законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка поднесен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократска партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица денес е на агендата на 53-тата седница на Собранието..

Во образложението за измените на Предлог-законот објавено на веб-страницата на Собранието, се наведува: “Воведување на една изборна единица – со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; Воведување на преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници; Поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво; Јакнење на довербата во изборниот процес – преку транспарентност, правичност и зголемена отчетност на политичките актери; Унапредување на политичката инклузивност – преку создавање услови за подобра застапеност на жените, младите, лицата со попреченост и другите маргинализирани групи во законодавниот дом; Приближување кон меѓународните стандарди – преку имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и усогласување со добрите европски практики за изборни системи”.


Како што е образложено, предложените законски решенија ќе дадат придонес кон зголемена инкорпорираност на граѓаните во изборниот процес, особено преку унапредување на можноста за учество на независни кандидати и граѓански иницијативи. “Воведувањето фиксен праг од 1,000 потписи за поднесување листа во рамки на изборната единица, како и продолжувањето на рокот за собирање потписи на 30 дена, ќе ги намали административните пречки и ќе создаде поправични услови за сите учесници, независно од политичка или финансиска моќ”. Со тоа се стимулира политичкиот плурализам и се овозможува поширок спектар на избор за граѓаните.

Воведувањето на пропорционален изборен модел со преференцијално гласање (т.н. отворени листи), во рамките на една изборна единица која ја опфаќа целата територија на Република Северна Македонија, има за цел да ја зацврсти врската помеѓу избраните претставници и граѓаните. Со овој модел, гласачите не гласаат само за политичка листа, туку и директно го определуваат редоследот на кандидатите со давање преференцијални гласови, што овозможува поголема персонализација на политичката одговорност.

Истовремено, наизменичниот распоред на жени и мажи на листите и принципот на родов паритет ќе гарантираат праведна застапеност на половите. Овие мерки заедно ќе придонесат за повисока демократичност, транспарентност и доверба во изборниот процес, се вели во Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

И од Демократскиот сојуз најавија дека до Собранието ќе достават свои предлози за измени на Изборниот кодекс со цел воведување на една изборна единица, во кој пратениците можат да го надополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за отворање на широк дијалог околу измените на Изборниот законик за една изборна единица дадоа и Партијата за движење на Турците (ТПХ) и Демократска обнова на Македонија (ДОМ).

“Потребна е сеопфатна, инклузивна и транспарентна реформа, која ќе ја гарантира рамноправноста на сите граѓани – без разлика на бројноста на заедницата од која доаѓаат. ТХП ќе продолжи активно да се залага за изборен систем кој ќе ја одразува реалната мултиетничка структура на државата и ќе гарантира глас и претставеност на сите заедници во духот на вистинската демократија”, посочија тогаш од ТХП преку коминике.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ), соопшти претходно дека со задоволство ја поздравува иницијативата за воведување на една изборна единица, но смета дека истата треба да биде проширена со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите. “Ова е предлог за кој ние со години се залагаме и за кој сме убедени дека е клучот за посуштинска демократизација и поправедно претставување на граѓаните во нашето Собрание”, потенцираа од ДОМ.

Можете да прочитате

МНР со апел до македонските граѓани: Воздржете се од било какви патувања кон Израел и Иран

СДСМ бара оставки од Јанев и Тошковски и кривична одговорност

Коцевски пред разрешување со силна порака до Мицкоски?