Утрински Весник
Македонија

Предизборни ограничувања за функционерите, јавните претрпијатија и буџетските трошења

20240315202815 Big 730x400 45.webp.webp

Во пресрет на претседателските избори на 24 април, парламентарните на 8 мај и стартот на предизборната капања, Изборниот законик предивидува предизборни ограничувања за функционерите, јавните претпријатија и буџетските трошоци.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања се до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.

Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесување на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. 

До завршување на изборот на претседател и пратеници, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.

Министерството за финансии две недели по распишување на изборите поднесува предизборен финансиски извештај со преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот. 

Јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори за претседател и пратеници во Собранието, беа должни до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат. Податоците се доставуваат во електронска форма на образец кој на предлог на ДКСК го пропишува ДИК.

ДКСК на својата веб-страница го објавува регистарот на службени моторни возила на јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал. Доколку правните лица не достават податоци, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.

Седмите претседателски избори во земјава треба да се одржат на 24 април, а 11-те парламентарни на 8 мај заедно за евентулниот втор круг од претседателските избори.

Според роковникот  што го усвои ДИК, изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и во вториот круг на гласање, и не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.

Изборната кампања за претседателските избори, започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април. Кампања за парламентарните избори, пак, ќе биде од 18 април до 6 мај.

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош