Утрински Весник
Македонија

Правната сигурност и законодавната пракса во Република Македонија: Помеѓу нормативната теорија и практичната реалност

Kekenovski.jpg

Пишува: ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Овој текст претставува дел од материјалот за мој нов научен труд кој ќе биде презентиран на првата наредна научна конференција посветена владеење на правото. Во оваа прилика објавувам само еден општ сегмент од трудот, со цел да се отвори поширока стручна и општествена дискусија за сериозни системски слабости во законодавната практика во Република Македонија. Намерата на овој осврт не е критика сама по себе, туку укажување на проблем со кој правниот систем и ние како граѓани се соочуваме со години наназад, а на кој, за жал, ретко му се посветува доволно сериозно институционално и научно внимание. Оваа кратка анализа има за цел да се поттикне поголема свесност кај надлежните институции за потребата од поодговорен, постабилен и посистематски пристап кон законодавниот процес поточно кон почитување на максимата за владеење на правото.


Правната сигурност како темел на владеењето на правото

Една од основните вредности на секоја современа демократска држава е владеењето на правото. Во сржта на овој принцип се наоѓа правната сигурност поточно уверувањето дека правните правила се јасни, стабилни, достапни и предвидливи. Само во такви услови граѓаните можат да ги планираат своите активности, институциите да можат доследно да ги применуваат правните норми, а државата да може да функционира како стабилен правен систем.
Правната сигурност подразбира дека законите не смеат да се менуваат произволно и често и дека нивната содржина треба да е лесно достапна за сите субјекти во општеството. Кога овие предуслови се нарушени, правниот систем почнува постепено да ја губи својата стабилност и предвидливост.

Во таа смисла, законодавната практика во Република Македонија во изминатите години отвора низа прашања кои директно ја засегаат токму оваа правна сигурност. Стабилен правен систем не се гради со голем број закони, туку со јасни, квалитетни и системски усогласени законски решенија.

Честите измени на законите и нивното влијание врз стабилноста на правото и правата сигурност на граѓаните

Измените и дополнувањата на законите се нормална појава во секој правен систем. Општеството се развива, економските и социјалните односи се менуваат, а правото мора да ги следи тие процеси. Меѓутоа, кога измените стануваат премногу чести, се поставува прашањето за стабилноста и квалитетот на законодавството, за правната сигурност на граѓаните.
Во македонската практика не е реткост одредени закони да бидат изменети десет, петнаесет, па дури и повеќе од дваесет пати за помалку од една до две години. Ваквата состојба создава нормативна нестабилност и ја отежнува примената на правото.

Причините за ваквата појава се повеќеслојни. Понекогаш законите се донесуваат во услови на политичка динамика и потреба од брзо реагирање на конкретни општествени или економски проблеми. Во други случаи недостига доволно темелна правна анализа пред донесувањето на законските решенија. Дополнително, одредени законски измени се резултат на усогласување со меѓународни стандарди и европско законодавство.

Сепак, независно од причините, честите измени и дополнувања на законите ја намалуваат нивната стабилност и ја отежнуваат нивната практична примена.

Улогата на парламентот во законодавниот процес

Парламентот е институцијата која е носител на законодавната власт и има клучна улога во создавањето на правниот поредок. Пратениците како избрани претставници на граѓаните имаат одговорност внимателно да ги анализираат предложените законски решенија, да предлагаат амандмани и да обезбедат законите да бидат јасни, системски усогласени и применливи.

Во практиката, меѓутоа, значителен дел од законите се предлагаат од извршната власт. Иако ова е карактеристика на повеќето парламентарни системи, проблем може да настане кога парламентот се сведува главно на формално потврдување на веќе подготвените законски текстови.

Дополнително, честата примена на скратени или итни законодавни постапки остава ограничен простор за подлабока анализа и стручна расправа. Во такви услови се зголемува ризикот од технички пропусти, недоречености и недоволна усогласеност на законските решенија со останатите правни правила во правниот систем.

Проблемот со непречистените законски текстови

Еден од најзначајните практични проблеми е отсуството на редовно објавување официјални пречистени текстови на законите. Кога еден закон се менува повеќе пати, неговата целосна содржина не се наоѓа само во основниот закон, туку и во сите последователни измени и дополнувања

За да се утврди важечкиот текст, потребно е внимателно да се комбинираат сите измени, што претставува сложена задача дури и за правните професионалци. Во пракса често се користат неофицијални пречистени текстови, но тие не секогаш претставуваат формално автентична верзија на законот.

Ваквата состојба ја намалува транспарентноста на правниот систем и го отежнува пристапот на граѓаните до правните норми, особено до целосната и автентична верзија на законите, што посредно може да влијае и врз ефективното остварување на правдата.

Контрадикции меѓу законските решенија

Дополнителен предизвик претставуваат ситуациите кога различни закони ја регулираат истата правна област, но содржат различни или дури спротивставени правила. Во правната теорија ваквата појава се означува како колизија на правни норми.

Правото познава одредени принципи за решавање на ваквите ситуации. Посебниот закон има предност пред општиот (lex specialis derogat legi generali), а поновиот закон има предност пред постариот (lex posterior derogat legi priori). Теоретски, овие принципи имаат за цел да помогнат во ситуациите кога постои судир меѓу два или повеќе закони. Меѓутоа, нивната практична примена не секогаш е едноставна. Во одредени случаи може да се појават дилеми околу тоа дали еден закон навистина има карактер на посебен закон или претставува само подетална регулација на истата материја, дали поновиот закон во целост го заменува постариот или само делумно ја уредува истата област, како и како треба да се толкуваат одделни законски одредби. Во такви ситуации постои можност различни институции, вклучително и органите на администрацијата и судовите, различно да ги применуваат законските норми, што може да доведе до правна несигурност.

Достапност на законите и правната фикција на нивното познавање

Еден од темелните принципи на правото гласи дека непознавањето на законот не го ослободува сторителот од одговорност. Овој принцип е неопходен за функционирањето на правниот систем, бидејќи во спротивно секој би можел да се повикува на непознавање на правните норми.

Меѓутоа, овој принцип се темели на правна фикција поточно на претпоставка дека граѓаните имаат можност и треба да се запознаат со законите. Законите се објавуваат во службеното гласило на државата и со нивното објавување се смета дека тие стануваат достапни за јавноста.

Прашањето што се поставува е колку е обичниот граѓанин навистина во можност да ги следи сите законски измени и дополнувања?!. Мал број граѓани редовно го следат службеното гласило, а честите измени на законите дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Затоа современите демократии настојуваат да обезбедат бесплатен и лесно достапен електронски пристап до законите и нивните пречистени текстови.

Инфлација на законодавството

Во правната наука постои поимот „инфлација на законодавството“. Тој означува состојба во која се носат премногу закони или премногу често се менуваат постојните. Во такви услови правниот систем станува преоптоварен со нормативни акти, што ја намалува неговата прегледност, стабилност и предвидливост.

Од друга страна, и недостатокот на законска регулација може да создаде сериозни проблеми. Кога одредени општествени односи не се доволно правно уредени, се создава простор за различни толкувања, правни празнини и нееднаква примена на правото. Во такви ситуации институциите често се соочуваат со тешкотии во примената на правните правила, што може да доведе до правна несигурност. Затоа во правната теорија често се нагласува дека стабилен правен систем не се гради со голем број закони, туку со јасни, квалитетни и системски усогласени законски решенија.

Парадоксално, премногу закони може да создадат исто толку проблеми колку и нивниот недостаток. Во таа смисла, францускиот правен мислител Монтескје предупредува дека „непотребните закони ја ослабуваат неопходната сила на законите“. Оваа мисла често се наведува во правната литература како потсетување дека стабилен правен систем не се гради со голем број закони, туку со јасни, квалитетни и системски усогласени правни правила
Римскиот историчар Тацит уште во античко време забележал дека „колку е покорумпирана државата, толку повеќе закони има“. Оваа мисла често се цитира во правната литература како предупредување за опасноста од прекумерно законодавство.

Потребата од посистематски законодавен пристап

За да се обезбеди стабилен правен систем, неопходно е законодавниот процес да се темели на темелни правни анализи, стручни консултации и системско усогласување на законите. Потребно е редовно објавување официјални пречистени текстови, поголема транспарентност во законодавниот процес и посериозна парламентарна дебата при донесувањето на законите. Само на тој начин може да се создаде правен систем кој ќе биде јасен, стабилен и достапен за сите граѓани.

Заклучок

Правната сигурност не претставува само апстрактна правна категорија, туку суштинска гаранција за функционирањето на правната држава. Кога законите се стабилни, јасни и достапни, граѓаните можат да ги предвидат правните последици од своите постапки, а институциите доследно и еднакво да ги применуваат правните норми.

Предизвиците што се појавуваат во законодавната практика претставуваат повод за сериозна институционална рефлексија и унапредување на законодавниот процес. Честите измени на законите, недоволната системска усогласеност на законските решенија, како и ограничената достапност на пречистени текстови, укажуваат на потребата од поодговорен и постабилен пристап кон создавањето на правните норми.

Само преку внимателно и систематско законодавство, засновано врз темелна правна анализа и институционална одговорност, може да се изгради стабилен правен поредок кој ќе обезбеди вистинско владеење на правото и долгорочна правна сигурност за сите граѓани.

Можете да прочитате

Ненад Савески е предлогот на Владата за нов државен обвинител

Собранието ја утврди потребата од носење на Законот за јавно обвинителство

СВР Охрид уапси двајца возачи и одзеде две возила