Утрински Весник
Македонија

Пратениците трет ден расправаат за Предлог-буџетот за 2025 година

20241116145159 Big 730x400 32.webp.webp

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска пратениците трет ден расправаат за Предлог-буџетот за 2025 година. Од власта велат дека е предвидено зголемување на пензиите, ќе се испочитува колективниот договор, а ќе има и покачување на платите во повеќе сектори, но и комплетен рестарт на ресорот здравство. Од опозицијата пак, се на ставот дека Предлог буџетот на Владата е манипулативен и нема никаква јасна визија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на расправата рече дека во Предлог буџетот предвидено е зголемување на пензиите за 2,500 денари дополнително, а напомена и дека ќе се зголемат платите во полицијата за 10 проценти. Како што рече, ќе има зголемување на платите за пет проценти, а до крај на мандатот 46 проценти.

-Во Предлог буџетот предвидено е зголемување на пензиите за 2,500 денари дополнително, значи да се реализира она предизборно ветување од 5,000 денари во првата година од мандатот а ќе го реализираме за девет месеци, е за тоа нема да гласа Венко Филипче и неговата политичка номенклатура. Нема да гласаат за зголемување на платите за пет проценти, а до крај на мандат 46 проценти и ќе се испочитува колективниот договор. Зборувате за покачување на платите во полицијата, па 10 проценти кажуваме дека ќе ги зголемиме, предвидени се пари во буџетот,  рече Ковачки на расправата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Драгана Бојковска рече дека вработените во МВР ќе добијат повисоки плати. Таа додаде дека заштитата на животната средина бележи значително зголемување од 44,4 проценти за управување со отпад и намалување на загадувањето, со износ од 6,4 милијарди денари. За функцијата одбрана, посочи, се зголемени исто така за 13,7 проценти, додека  средствата за јавен ред и мир се зголемени за 11,3 проценти и достигнуваат 23,6 милијарди денари.

-Во здравството има планирани 57,4 милијарди денари, кои се за четири милијарди повеќе во споредба со буџетското планирање во 2024 година. Со овој буџет повисоки плати ќе има и за здравствените работници, кои мора да ги задржиме во Македонија. Најавуваме комплетен рестарт на ресорот здравство, бидејќи седум години имавме трул здравствен систем, рече Бојковска.

Според пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски, со манипулативниот буџет на Владата, во случај на криза ќе нема пари за помош на граѓаните.

-Предлог буџетот на Владата е манипулативен и нема никаква јасна визија. Ваквиот буџет кој е проектиран на 6,5 милијарди евра е нереален, неразвоен и недомаќински и е креиран за предизборни цели, рече Спасовски за време на расправата.

Тој додаде дека нашата држава ќе биде единствена во регионот, која не прави ништо и не планира ништо во 2025 година за фискална консолидација.

– Доаѓаат локалните избори, па затоа е направен и овој буџет кој е крајно невизионерски, за тоа каде сакаме да ја видиме државата понатаму. Како што не можеме да ја видиме ниту во остварување на стратешките цели. Овој предлог буџет е манипулативен, затоа што досега, нема нешто што не е направено, од власта, а да не е со цел да се манипулира македонската јавност, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека во буџетот се предвидува раст на БДП за 3,7 процени.

И ова, како што рече, е нереална прогноза на која укажуваат сите релевантни странски фактори, дека не е можно да се постигне раст, од 3,7 проценти на БДП.

-Ова е прв показател дека буџетот е манипулативен. Ова покажува дека фискалната политика која е прикажана со овој буџет, нема компас. Зошто? Затоа што Македонија ќе биде единствена земја во регионот, која не прави ништо и не планира ништо во 2025 година за фискална консолидација. Ако ги погледнеме сите држави од опкружувањето, ќе видиме дека буџетскиот дефицит е сведен на помалку од 3 проценти, додека на овој предлог буџет имаме буџетски дефицит од 4 проценти. Тоа покажува дека не оставаме простор во овој дел да се консолидира финансиски државата и ако дојдеме во ситуација на каква било криза да може да бидеме сигурни дека и дека ќе може да се остваруваат сите функции во државата, дека ќе може да се помогне, во бизност, на граѓаните и ќе можеме да бидеме стабилни во делот на економијата, рече Спасовски.

Тој објасни дека и Законот за буџет предвидува дека може да имаме буџетски дефицит од три проценти.

-Ако се предвидува ниска инфлација, тоа значи ќе има забавен раст на платите, а тоа може да види од буџетските ставки, затоа што само осум проценти во ставката на плати е во цел јавен сектор. Ако власта не е расположена да ја зголемува минималната плата, сметам дека е неосновано ова што го предлагат во буџетот, рече Спасовски. 

Можете да прочитате

Тошковски: Состанок на меѓуресорската група за измени на законите за имплементација на проектот „Безбеден град”

Петровска: Буџетот е за изборната година и задоволување на партиски интереси

Шокантен момент: Јолевски го изгасна целосно своето механичко срце на сред подкастот „Зрак“ со д-р Марина!