Пратениците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во Собранието поднесоа иницијатива со која бараат да се одржи Надзорна расправа во парламентот во врска со загадениот воздух.
За иницијативите претпладнево на прес-конференција во Собранието информираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој рече дека таа се темели на барањата на граѓаните, на невладините организации и на многу експерти коишто работат на зачувување на животната средина и „најважно врз основа на поразителните резултати коишто доаѓаат за загаденоста на воздухот“.
– Advertisements –
Според Спасовски, ваквите деловнички и законски инструменти се една од основните функции на Собранието, за да може сите да седнат на една маса и пред граѓаните да ги отворат сите прашања.
„Да разговараме какви мерки и активности се преземени од страна на владата и на другите надлежни институции. Заради тоа што ова е една од основните функции на Собранието, да преку вакви деловнички и законски инструменти, успееме да седнеме сите на една маса и пред граѓаните да ги отвориме сите прашања“, рече тој.
Иницијативата за Надзорна расправа, како што кажа Спасовски, ја покренуваат заедно со пратеници на Левица и сметаат дека борбата против загадениот воздух може да ги обедини сите пратеници во македонскиот парламент.
„Зачувувањето на животната средина е една темелна вредност којашто е загарантирана со Уставот. а е дел од корупусот социјални, економски и културни права на граѓаните, а нè тангира и сите нас поединечно и сите нас заедно. Токму затоа сметам дека одговорноста пред сè на пратениците во овој дел e заеднички да седнеме и да разговараме за решенија. Врз основа на тие решенија што ќе ги изнајдеме да произлезат активности коишто ќе допринесат за зачувувањето на животната средина“, истакна Спасовскии.
Надзорната расправа како инструмент, додаде тој, ќе даде одговор на многу прашања.