Утрински Весник
Македонија

Пратеници и активисти бараат унапредување на „Мој термин“

Moj termin.jpg

На настанот ,,Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост” се предложија мерки за поголема подршка на лицата со попреченост. Предложените мерки беа унапредување на системот мој термин со тоа што ќе се воведат механизми за приоритетно закажување за луѓето со попреченост, особено на оние на кои им треба поголема поддршка, или се со хронични состојби. Истовремено, здравствените установи да бидат физички попристапни и да се обезбеди сензорна и комуникациска пристапност за луѓето со атипичен развој.

Настанот се одржа во Собранието во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ), во соработка со разни граѓански организации.


На настанот бeа презентирани предизввици со кои се соочуваат семејствата на луѓето со попреченост, како и можни решенија поврзани со нивниот медицински третман, за да имаат еднаков пристап до здравствена заштита.

„Правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија“, изјави Никола Мицевски, претседателот на парламентарната група задолжена за луѓето со атипичен развој.

По дискусијата во законодавниот дом, едно од барањата е ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на луѓето со попреченост. Тие бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди.

Понатаму, здравствените работници постојано да се обучуваат за работа со луѓе со различни видови попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство и недискриминација.

„Имајќи предвид дека во практичната примена постои потреба од дополнително зајакнување на индивидуализираниот пристап, неопходно е институциите да продолжат со развој и примена на механизми за соодветно приспособување и почитување на специфичните потреби на лицата со попреченост, како составен дел од редовното функционирање на здравствениот систем“, е еден од заклучоците.

Според интерпартиската парламентарна група, многу е значајно да се унапреди навремен и превентивен пристап во здравствената заштита, со посебно внимание на луѓето со попреченост и со комплексни здравствени потреби.

„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права“, соопштуваат од Собранието.

Барањата на пратениците се во соработка со „Зета“ – Организација за попреченост и правда, Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, „Порака“ од Неготино и „Еко-живот“ од Кавадарци.

Можете да прочитате

Пет години затвор за турските државјани кои беа соучесници во убиството во кафуле во Штип

Осомничениот за убиството во Старо Нагоричане е во затвор Куманово

Со молитва, благодарност и почит – Кочани ќе ја одбележува годишнината од „Пулс“