
Најголемата конклава во историјата на Католичката црква продолжува денеска за избор на нов папа. Црн чад е забележан над Ватикан, што значи дека не е избран нов лидер. Денеска може да се одржат четири круга на гласање, бидејќи синоќа, очекувано, по првиот круг гласање не беше избран новиот папа.
Сега за кардиналите следува ручек во Куќата на Санта Марта, а во 15 часот и 45 минути во Апостолската палата.
Гласањето продолжува во Систинската капела од 17:30 до 19:30 часот.
Црковниот историчар Ребека Рист во интервју за Би-Би-Си изјави дека очекува одлука за новиот папа до сабота.
„Мислам дека Црквата токму сега сфаќа дека треба да ги зближи луѓето, дека не сакаат Црквата да изгледа поделена“, рече професорот по средновековна историја на Универзитетот во Ридинг.
За изборот на папата е потребно двотретинско мнозинство или 89 гласа. Кога ќе се појави бел чад од оџакот, тоа е сигнал дека е избран нов црковен поглавар.
Во тајното гласање учествуваат рекордни 133 кардинали од 70 земји, наспроти 115 од 48 земји на последната конклава одржана во 2013 година.
Овој раст е одраз на напорите на починатиот папа Франциско да го прошири досегот на Црквата за време на неговиот 12-годишен понтификат.
Нема јасни фаворити за новиот папа, иако италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле се сметаат за фаворити.
Паролин служеше како државен секретар, втора највисока позиција во Ватикан, за речиси целиот понтификат на папата Франциско.
Неговата улога и умерените ставови за многу општествени прашања укажуваат дека, доколку биде избран за папа, тој ќе ја продолжи политиката на неговиот претходник. Во исто време, изворите тврдат дека тој би можел да помири различни фракции во Црквата.
Фаворитот за новиот папа од Азија, филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле е харизматичен и умерен кој често го нарекуваат „Франциско од Азија“.