Доцна вечерва во Расадник, Општина Кисела Вода, повторно се активира пожар. Пламени јазици избувнале пред 23 часот на едниот од краевите на Расадник, на локација каде што има куќи. Исплашените граѓани веднаш пријавиле на бројот 112 и, не чекајќи ја интервенцијата на пожарникарите, започнале со гаснење користејќи сè што имале при рака.
Скопските пожарникари беа на пат кон Расадник, додека жителите веќе се обидуваа да го изгаснат огнот. Граѓаните сведочат дека огнот брзо избувнал и се ширел со секој налет на ветерот. За среќа, пожарот навреме бил забележан, што спречило негово ширење кон куќите.
Инаку, денеска во Расадник гореше голема површина со оревови дрвја, други видови дрвја, грмушки и сува трева, а пожарот брзо се ширеше поради сувата вегетација исцрпена од летните горештини. Жителите на околните згради беа загрижени бидејќи огнот се доближи на само десетина метри од објектите.
Како што рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, пожарот во Расадник може да се класифицира како шумски пожар во градски услови, што бараше противпожарна интервенција налик на тие што ги имаа пожарникарите летово во планините и шумите.
Поради пожарот беше исклучена струјата, па делови од Кисела Вода останаа без електрична енергија. Од Регионалниот центар за управување со кризи на Скопје известија дека поради дефект на ЕВН, резервоарот во Припор останал без струја, што доведе до прекин на водоснабдувањето за високата зона во населбата Аеродром.