Утрински Весник
Македонија

Повредените во Кочани ќе добиваат по два чифта компресивна облека на шест месеци и препорачливо е да ја носат две години

Screenshot 20 6 2025 144027 www.youtube.com .jpeg

На 58 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани веќе им е дадена компресивна облека и носењето ги дава резултатите. Директорката на кочанската болница, Катерина Паниќ-Мирчовска, вели дека тие ќе добијат и втор чифт, а таква облека ќе добијат сите повредени на кои што им е потребна.

„Во однос на компресивната облека, можам да ги кажам првите искуства од терен. На 58 повредени веќе им е дадена компресивната облека и тие ја носат. Веќе има позитивни видливи промени на самите лузни. Кога ќе го добијат вториот чифт компресивна облека, остануваат препораките за носење на облеката во период од 23 часа заедно со компресивни завои. Ќе се потрудиме да ги почитуваме препораките на компанијата која е производител на компресивната облека и препораките на специјалистите што подолго време работат со лузни дека ќе им бидат потребни по два чифта компресивна облека за шест месеци и да се менуваат во следните две години“, вели директорката Паниќ-Мирчовска.


Компресивната облека, повредените, во зависност од потребите, ќе ја добиваат во континуитет од Фондот за здравствено осигурување и за неа нема да плаќаат. Освен 58 повредени, кои добија по еден чифт, земени им се мерки за облеката на уште 14 пациенти и таа се изработува.

Директорката Паниќ-Мирчовска најави дека за две недели претставници на компанијата од Германија, која ја изработува облеката, ќе дојдат во Кочани за да ги чујат забелешките за мерките од повредените што ја носат. Доколку кај сите мерките се соодветни, ќе почне изработката на вториот чифт.

„Компресивната облека им овозможува да ги изведуваат вежбите на физикална медицина, им овозможува да вршат секојдневни активности. Тоа е дополнителна заштита и од сончева светлина бидејќи содржат заштитен фактор 30 во самиот материјал, од кој се изработени. Тоа ќе им овозможува непречена работа со екстремитетите. Препораките се да вежбаат и во домашни услови со компресивната облека“, рече директорката Паниќ-Мирчовска.

Таа извести дека во болницата во Кочани стигнале кремовите потребни за третман на изгореници и најави дека ќе стигнуваат во зависност од потребите. Половина од стигната пратка е веќе однесена во Пониква, каде што утре треба да пристигнат пациентите. Директорката вели дека во болницата стигнале и 95 парчиња од лепенките што пациентите долго време ги барале и ќе продолжат да стигнуваат на неделно ниво.

Се прават списоци за контролни пулмолошки прегледи, продолжуваат терапиите со плазма збогатена со тромбоцити во болницата, се очекуваат маските за лице, врат и за глава направени со 3Д-скенирање на изгорениците, а директорката апелира родителите да не се мачат да бараат специјалисти за естетска хирургија во странство оти тие се во преговори такви специјалисти да дојдат во Кочани.

„Има соработка со ‘Отобок’, тоа е компанија од Германија што долго време се занимава со изработка на силиконски материјали, кои помагаат во ортотиката и во протетиката. Разговарано е со специјалист кој што работи на изработка на естетски, силиконски прсти. Разговарано е со нив како привремено решение додека се консултираат специјалисти по пластична хирургија во однос на оние дечиња што имаат ампутација на разно ниво на прстињата за тоа што каков би бил планот за понатаму. Секако, не е завршено нивното лекување и на оние што се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија и на оние што ги очекуваме дополнително да се вратат од странство. Следува и реевалуација и во зависност од потребите, ќе се потрудиме, доколку е можно, и специјалистите да им ги доведеме тука за да се намалат и трошоците за патувањата, да се намали малтретирањето на пациентите со одење и барање клиники во странство“, вели директорката Паниќ-Мирчовска.

Во текот на престојот на Пониква, за повредените, кои сè уште се ученици, планирани се средби со нивните наставници, педагози и психолози од училиштата во кои учат за продолжување на образовниот процес.

Можете да прочитате

СДСМ објави 19 кандидати за градоначалници, Горан Герасимовски во Центар, Александар Трајановски во Аеродром

МЕТЕОАЛАРМ СЕРИОЗНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Силно невреме доаѓа во Македонија!

Помор на риби во Тополка, забележана пенлива материја