Утрински Весник
Македонија

Поврат на ДДВ со партиска подобност? Битиќи прашува, Кочовска се заканува

310f2c7e 24d3 4808 9e96 7a01fbe78340.jpeg

На денешната седница во Собранието, резервирана исклучиво за прашања од пратениците од опозицијата, дојде до остар судир помеѓу министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска и пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи. Повод беше прашањето за доцнењето на повратот на ДДВ кон компании кои, според Битиќи, не се политички подобни за актуелната власт.

Пратеникот Битиќи побара одговор кога Министерството ќе обезбеди средства за поврат на ДДВ и дали конечно ќе престане, како што рече, практиката на селективен третман врз основа на политичка припадност на фирмите.


„Ликвидноста на компаниите е клучниот мотор што ја движи економијата напред. Ако компаниите не ги добијат навреме средствата што законски им следуваат, се случува синџир на негативни последици. Повратот на ДДВ доцни меѓу 6 и 9 месеци, а приоритетот кој ќе добие пари, а кој ќе чека, се решава во партиски штабови,“ изјави Битиќи од собраниската говорница.

Ова предизвика остра реакција од министерката Кочоска-Димитриеска, која му се закани на пратеникот со тужба.

„Викнете ги надвор од говорницава новинарите, кажете го ова истото – за приоритетни листи и партиски штабови – и ќе ви поднесам тужба. Ќе ве тужам, ќе се видиме на суд,“ му возврати министерката.

Битиќи одговори дека пратениците имаат обврска да поставуваат прашања, а министрите имаат обврска да одговараат, потсетувајќи ја министерката дека таа нема имунитет.

„Вие немате имунитет, па сега размислувам дали за заканите што ги упативте кон пратеник, да ви поднесам кривична пријава. Мора еднаш да се научи што значи која функција,“ изјави поранешниот вицепремиер за економски прашања.

Инцидентот повторно ја отвори дебатата за транспарентноста и одговорноста на извршната власт, особено кога станува збор за финансиска правда и еднаков третман на стопанството.

Можете да прочитате

Умерен топол бран од Африка во Македонија: Имаме температури околу просекот за јуни

АА: Затворањето на нелегалните онлајн казина кои можат повторно да се отворат од кој било дел на светот – политички театар

Состојбата меѓу Израел и Иран ќе влијае врз цената на нафтата и во Македонија