
Навремена дијагностика, пристап до современи терапии, поддршка за пациентите со хематолошки малигнитети и нивните семејства, беше пораката упатена од настанот што денеска се одржа во Скопје, за подигнување на свеста за овие болести. Настанот именуван, „Повеќе од дијагноза, кога науката ги менува животите“, по повод одбележување на месец септември – месецот за подигнување на свеста за хематолошките малигнитети, беше во организација на здружението посветено на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“ во соработка со ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, а се одржа во деканатот на Медицинскиот факултет.
Милица Кузманоска, потпретседател на „Хема-онко“, рече дека настанот „Хемато свест – повеќе од дијагноза, кога науката ги менува животите“, што се одржува во рамки на месецот за подигнување на свеста за хематолошките малигнитети, има за цел да потсети дека зад секоја дијагноза стои човек, приказна и борба што не смее да остане незабележана.
– Во текот на овој месец, на глобално и локално ниво го истакнуваме значењето на навремената дијагностика, пристапот до современи терапии, како и континуираната поддршка за пациентите со хематолошки малигнитети и нивните семејства. Иако сме сведоци на огромен напредок во медицината – со нови, прецизни и сè поефикасни третмани и нови скрининг алатки, реалноста е дека нашите пациенти сè уште не секогаш имаат пристап до истите можности што ги имаат пациентите во други европски земји, истакна Кузманоска.
Притоа, таа нагласи дека нивната заложба преку здружението, е да го менуваат здравствениот систем преку нови здравствени политики.
– Да обезбедиме подобра информираност, меѓусебна поддршка и што е најважно, да бидеме партнер на институциите во создавање услови за достапно, квалитетно и достоинствено лекување. Настаните како денешниот, освен едукативната компонета што ја содржат, важни се и заради градење на свест за овие болести, односно препознавање на првите симптоми, што ќе донесат и брза дијагноза и подобри исходи од лекувањето, но и за охрабрување и давање поддршка на лицата со рак на крвта, подвлече Кузманоска.
Пепо Леви, претседател на Здружението за помош на заболени од ХМЛ, подвлече дека 22 септември е Меѓународен ден на заболените од хронична миелоична леукемија, ХМЛ како канцерогено заболување однело безброј човечки животи, како во светот, така и во нашата држава.
– Огромни пари се трошат во здравство, вклучувајки ја и набавката на современа опрема, но, не смееме да заборавиме дека сето тоа е залудно, ако на заболените од животно – загрозувачки болести не им обезбедиме лекови. Залудно е што имаме добри и пожртвувани доктори, донекаде и добра опрема, ако немаме лекови со што да ги лечиме, порача Леви.
Притоа, Леви информираше дека во земјава има околу 200 заболени од ХМЛ, од кои околу дваесетина биле без соодветна терапија.
Ана Марјановиќ од „Хема-онко“ рече дека е разочарувачки за нив како здружение, кога не можат да допрат до пациенти со малигни крвни заболувања.
– Оваа едукација денеска беше организирана за нив и нивните семејства, тука денеска заедно да изградиме заедница што се информира, поддржува и се залага за подобра иднина за сите пациенти. На овој настан, пациенти не само што можеа да научат многу повеќе за најсовремените третмани и терапии, но, во исто време, да зборуваме отворено и јасно и за секундарните малигнитети и нивото следење. Доколку пациентите со крвни малигнитети сакаат подобар третман, време е да излезат од своите школки и заедно да се бориме за подобар квалитет на живот и со овие болести, подвлече Марјановиќ.