Утрински Весник
Магазин

Потребни се најмалку шест месеци за значително подобрување на липидниот статус

20260327094749 big 730x400 34.webp.webp

Покачениот ЛДЛ-холестерол претставува значаен фактор на ризик за развој на срцеви заболувања, мозочен удар и периферна артериска болест. Дополнителен проблем е тоа што оваа состојба често се развива без јасно изразени симптоми, поради што голем број луѓе не се свесни дека имаат нарушени вредности. По ваквите наоди, лекарите нагласуваат дека редовните лабораториски анализи, како што е липидниот статус, се клучни за навремено откривање и следење на состојбата.

Причините за покачување на холестеролот се различни, но исхраната игра една од најважните улоги. Кардиолозите предупредуваат дека консумирањето мрсна, брза и ултрапреработена храна значително придонесува за негово зголемување. Сепак, кај одредени пациенти причината не лежи во животниот стил, туку во генетиката. Фамилијарната хиперхолестеролемија е наследно нарушување кое доведува до покачени вредности на холестеролот без оглед на начинот на исхрана или нивото на физичка активност. Кај овие пациенти, неопходна е терапија со лекови, заедно со примена на здрави животни навики.


Покрај исхраната, од суштинско значење е и редовната физичка активност. Вежбањето придонесува за намалување на нивото на вкупниот холестерол, триглицеридите и ЛДЛ, а во исто време умерено го зголемува ХДЛ-холестеролот, познат како „добар“ холестерол. Тој има заштитна улога за срцето и крвните садови. Лекарските препораки се да се практикува најмалку 150 минути физичка активност неделно – околу 25 минути дневно.

Кардиолозите советуваат примена на медитеранска или ДАШ (DASH) диета. Овие начини на исхрана се базираат на внесување овошје, зеленчук, интегрални житарки, мешунки, јаткасти плодови, семки, риба и живина, со значително ограничување на ултрапреработената храна која содржи рафинирани јаглехидрати, шеќери и натриум. Воедно, се препорачува избегнување строги диети кои можат да имаат негативни ефекти врз здравјето. Времето потребно за намалување на ЛДЛ-холестеролот зависи од индивидуалниот пристап, но доколку се почитуваат советите од докторите, значајно подобрување може да се забележи по околу шест месеци.

Од друга страна, кај пациентите кај кои овие мерки не даваат доволен ефект или кај оние со фамилијарна хиперхолестеролемија, се воведува медикаментозна терапија. Во такви случаи, ефектите може да се забележат многу побрзо, понекогаш веќе по две недели од почетокот на третманот. Сепак, лекарите вообичаено чекаат околу шест недели пред повторно да направат липидно испитување, со цел да ја проценат ефикасноста на терапијата и потребата од евентуално прилагодување на дозата. Овој период е важен и за следење на можните несакани последици, особено оние што може да се јават кај црниот дроб и мускулите, што понекогаш се поврзува со употребата на статини и други лекови за намалување на холестеролот.

Според експертите, доколку има потреба од дополнителни промени на терапијата, ново мерење на вредностите се врши по уште шест недели, со цел да се обезбеди оптимална контрола и намалување на кардиоваскуларниот ризик. 

Можете да прочитате

Кокаин пронајден кај големи бели ајкули на Бахамите

Научници дојдоа до неверојатни откритија: Човечкото тело како биолошки извор на светлина

Поправка или замена – што е поисплатливо кога ќе се дупне гума