Утрински Весник
Економија

Потпишување договор за коридорите 8 и 10-Д: вложуваме во инфраструктурата

Потпишување договор за коридорите 8 и 10-Д: вложуваме во инфраструктурата

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на потпишувањето на договорот за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридорот 8 и на Коридор 10-Д, каде што имаше обраќање.

dobivaj vesti na viber

Договорот е потпишан со компанијата „ИРД инженеринг“, која е избрана за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридорот 8 и на Коридорот 10-Д. На настанот присуствуваа и имаа обраќање и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и директорот на „ИРД инженеринг“, Паоло Орсини.

Со потпишувањето на овој договор почнуваат активностите за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 за автопатските делници Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан и на Коридорот 10-Д за делницата на автопатот Прилеп – Битола.

„Со потпишувањето на овој договор продолжуваме да ја зацврстуваме нашата определба како Влада дека автопатските делници, патиштата и инфраструктурата во нашата држава се еден од главните приоритети на кои ќе продолжиме да се фокусираме и годинава“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски посочи дека Владата е силно фокусирана на капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура додавајќи дека за 5 години се реализирани 1.300 км патна инфраструктура, рехабилитирана и изградена, во која се инвестирани над 1 милијарда евра.

„Изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10 е од клучно значење за подигнување на нивото на квалитетот на патната инфраструктура и сообраќај, со што уште повеќе ќе ја истакнеме геостратешката позиција на Република Северна Македонија, која преку овие проекти ќе стане неизбежна транспортна рута од значење за регионот, но и пошироко“, истакна премиерот Ковачевски.

Директорот на „ИРД инженеринг“, Паоло Орсини, истакна дека е „чест и привилегија е да се биде дел од овој настан во Владата“.

„’ИРД инженеринг’ е присутна во Македонија за инженерски услуги во последните 20 години. Една од нашите конкурентски предности е и ќе биде нашето локално присуство со комбинација на меѓународно искуство и експертиза. Заедно со нашите локални партнери во овој проект ние ќе ги вложиме сите потребни напори за да ги изградиме 4-те делници со највисок стандард и квалитет што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во ЕУ“, потенцира Орсини.

Можете да прочитате

НБРМ има целосна одговорност да ги испита сите ризици за влез на Алта Банка во Македонија

Јовановиќ: ЕЦБ води истрага против Алта Банка, таа банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата

Голем интерес за субвенции за инвертер клима-уреди – рокот за аплицирање до 5 октомври