Во морскиот дел јужно од малиот грчки остров Гавдос потона чамец со мигранти, а со помош на товарен брод што бил во близина, спасени се 96 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од крајбрежната служба на Грција информираа дека во тек е спасувачка акција со два патролни брода, шест брода што се во близина и хеликоптер на воената морнарица за евентуално пронаоѓање на исчезнати лица.
Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека според нивните информации, околу десет лица се исчезнати во морето.
Ова е втора несреќа со мигранти за помалку од 12 часа во Грција, откако вчера, како што објави МИА, четири лица, меѓу кои и две деца загинаа откако се преврте глисер во морскиот дел во близина на грчкиот остров Кос.
Крајбрежната служба на Грција денеска соопшти дека глисерот се превртел во обид да избегне патролен брод и да не застане на звучните и светлосни сигнали, а наместо тоа ја зголемил брзината и извршил опасни маневри со резултат да ја изгуби контролата и да се преврти. Двајца членови на екипажот на патролниот брод на крајбрежната служба веднаш влегле во море за да ги спасат луѓето и биле извлечени вкупно десет лица, од кои две жени и две деца биле во бессознание. Веднаш им била укажана прва помош и биле пренесени во пристаништето Кос, а оттаму со возило на брза помош префрлени во болница, каде што била констатирана смрт.
Вкупно биле спасени 27 лица, меѓу кои и осум деца, а пет од нив и едно бебе превентивно биле префрлени во болница, каде по извршените контроли било констатирано дека се во добра здравствена состојба.