По повеќе од 20 години во заробеништво, последната од албанските „ресторански мечки“ безбедно пристигна во својот нов дом, засолниште за животни во Австрија.
Таканаречените „мечки од ресторани“ традиционално се чувале во мали кафези во близина на албански ресторани или хотели и служеле како атракција за туристите.
Во 2016 година, меѓународната организација Four Paws ја почна кампањата „Најтажната мечка“ за ослободување и преместување на повеќе од 30 мечки кои се користеа за прикажување на гостите.
Последна меѓу нив беше Марко, 24-годишниот кафеав мечок кој овој месец беше преместен од ресторанот Sofra e Ariut во живеалиште за мечки во Арбесбах, Австрија.
Во заробеништво се борел со бројни здравствени проблеми, објави Four Paws.
Беше изнемоштен, имаше скршени заби, грчеви во нозете и покажуваше знаци на вознемиреност. Сето тоа се последиците од живеењето во кафез од 100 метри квадратни со бетонски под и несоодветна исхрана.
Покрај тоа, „мечките од ресторанот“ никогаш не можеле да спијат во зима.
Со помош на анестетици, Марко патувал од Тирана до Арбесбах 44 часа низ Македонија, Грција, Бугарија, Романија и Унгарија.
„Редовно правевме паузи за време на патувањето за да може ветеринарот што го придружуваше да го прегледа и да го нахрани со овошје и зеленчук“, рече Магдалена Шерк-Третин, координатор на спасувачкиот проект.
„По дваесет години хранење главно со остатоци од ресторани и леб, тој неволно прифаќаше зеленчук, но јадеше грозје со задоволство“, додаде таа.
Во Арбесбах, отворено во 1988 година, Марко ќе им се придружи на трите спасени мечки кои живеат во природна средина од 14.000 метри квадратни.