Утрински Весник
Македонија

Поскапува и „частењето“: Јавните службеници ќе може да примаат подароци вредни до 4.000 наместо како до сега до 3.000 денари

Administracija.webp.webp

Владата предлага зголемување на вредноста на подароците што смеат да ги примат вработените во јавниот сектор во текот на една година од исто лице, од сегашните 3.000 на 4.000 денари, јавува СДК.МК  Истовремено, со овој реформски закон со европско знаменце, се предлага подароци од пониска вредност да се сметаат не од 1.000 денари како што е сега, туку од 3.000 денари.

Со новиот Предлог-закон за вработените во јавниот сектор, администрацијата сосе раководствата може да примаат неограничено подароци до 50 евра од различни граѓани и притоа тоа да не се смета за мито.


„Целта на овој Предлог на закон за вработените во јавниот сектор е и усогласување со европските принципи, стандарди и препораки. Законот за административни службеници е предвиден во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и е во согласност со СИГМА принципите“, вели предлагачот, министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Сегашниот член 39 – Забрана за примање подароци, вели:

(1) Вработените во јавниот сектор не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност. Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари, или подароци добиени од иста личност чијашто вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност. Подароци примени од страна на службени лица или од меѓународни организации, дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности се сметаат за протоколарни подароци.

Со измените  во Предлог-законот, сега се предлага член 32 – Забрана за примање подароци, со кој се зголемуваат сумите:

(1) Вработените во јавниот сектор не смеат да бараат, ниту примаат подароци поврзани со нивната работа, со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност.

(3) Подароци од пониска вредност, во смисла на ставот (1) на овој член, се подароци што не ја надминуваат вредноста од 3.000 денари или подароци добиени од иста личност чијашто вкупна вредност не надминува 4.000 денари во тековната година.

Како во актуелниот, така и во новиот Закон за вработените во јавниот сектор, се предлага забраните и ограничувањата за примање подароци да се однесуваат и на брачниот другар на вработениот во јавниот сектор, на лицата кои живеат заедно со вработениот во јавниот сектор во вонбрачна заедница, на нивните деца, родители и на лица кои живеат во исто домаќинство.

Вработените во јавниот сектор се должни да ги предупредат дарителите дека протоколарните подароци и подароци од пониска вредност стануваат сопственост на институцијата. Податоците за примените подароци, нивната вредност, дарителите и другите околности се внесуваат во евиденцијата на подароци по пријава од вработениот во јавниот сектор. Вработените во јавниот сектор, исто така, се обврзани да ги пријават податоците што треба да се внесат во случаите од ставот (4) на овој член.

Овој предлог-закон е со европско знаменце, како и тој за административни службеници и за обука на административните службеници.

Пакетот реформски закони за администрацијата, е на дневен ред на собраниска седница на 27 јуни.

Можете да прочитате

Над 216 македонци имаат бугарски пасош

Томас Вајц за БГНЕС: Не знам дали Северна Македонија навистина сака да биде членка на ЕУ, јас сум пријател на Бугарија

Собранието ги усвои измените на Законот за царинска тарифа, ќе се намалат царинските стапки на 67 стоки