Утрински Весник
Свет

Посетата на папата на Белгија во сенка на скандалот со сексуална злоупотреба од страна на католички свештеници

20240927112539 Big 730x400 3.webp.webp

Улогата на Европа на глобално ниво во услови на разгорување на конфликтите во разни делови на светот, се очекува да биде главна тема на тридневната посета на папата Франциск на Белгија, која официјално почнува денеска.

Папата синоќа допатува во Белгија од Луксембург, каде престојуваше во еднодневна посета, при што го осуди, како што рече, „повторното појавување на раздорот и непријателствата, дури и на европскиот континент“, кои резултираат со „отворени непријателства, што водат кон уништување и смрт“. Тој апелираше и за „чесни преговори за надминување на разликите“, што би довеле до „почесни компромиси“ врз основа на кои би „можеле да се изградат безбедност и мир за сите“.

Покрај средби со високи белгиски политички и општествени претставници, папата в недела ќе одржи миса на стадионот „Крал Бодуен“ (поранешен „Хејсел“) во Брисел, за која билетите беа распродадени за само неколку часа.

Но, посетата одново ја актуализираше темата за сексуалната злоупотреба на малолетници од страна на католички свештеници во Белгија во минатото.

Оваа тема предизвика голем скандал во Католичката црква во Белгија по минатогодишното прикажување на документарниот филм „Заборавив на Бога“ за трауматските искуства на лицата кои биле жртви на злоупотреба од страна на свештеници.

Свесен за негативното влијание на овој скандал врз Црквата, папата за време на посетата на Белгија ќе се сретне и со 15-мина од жртвите на сексуалната злоупотреба на страна на свештениците.

За овој скандал беа поведени парламентарни истраги, па се појавија обвинување дека Католичката црква во Белгија ја користи посетата на папата за да го оттргне вниманието на јавноста од истрагата.

За денеска е најавена средба на папата Франциск со лидерите на водечките белгиски партии во градот Лувен, но првите луѓе на партиите Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), Прогрес (Вуројт), Отворени Фламански либерали и демократи (ВЛД) и Зелени уште вчера соопштија дека нема да присуствуваат на средбата.

Лидерот на ЦДВ, Семи Махди изјави дека е крајно разочаран од начинот како Ватикан се справува со проблемот со сексуална злоупотреба од страна на црквени претставници.

– Затоа претпочитам да не ја прифатам поканата за средба со папата, рече Махди.

Лидерот на социјалдемократската партија Вуројт, Конер Русо, образложувајќи ја својата одлука да не присуствува на средбата, порача дека Црквата мора да спречи каква било форма на злоупотреба од страна на нејзини претставници, со што би се избегнале идни жртви.

Копродуцентката на „Заборавив на Бога“, Ибе Даниелс вели дека жртвите на злоупотребите од страна на свештениците „се особено повредени од посетата на папата“.

– Многу се нервозни, повторно се вознемирени, повторно лути. Минуваат низ тежок период, рече Даниелс.

Според неа, средбата на папата со дел од жртвите е „чисто симболична“ и нема да помогне да почувствуваат дека нивниот глас е слушнат.

– Подобро ќе беше папата да ги покани сите жртви на стадионот и да одржи говор пред нив, додаде таа.

Првиот човек на Конференцијата на белгиските бискупи, мехеленско-бриселскиот надбискуп Лук Терлинден признава дека Црквата требало да направи повеќе за жртвите.

– Да, во минатото постоеше политика на тајност и молк во Католичката црква, што ја направи секоја од овие трагедии уште потешка, рече надбискупот Терлинден, додавајќи дека средбата на папата со жртвите на сексуална злоупотреба од страна на свештеници претставува „важен симболичен потег“.

Документарецот „Заборавив на Бога“, кој се емитуваше во септември минатата година, беше снимен врз основа на книга на белгиски свештеник во која се пренесени сведоштва на сто лица, кои биле сексуално злоупотребувани од свештеници во детството.

Филмот предизвика жестоки реакции во јавноста, што резултираше со формирање анкетни комисии во белгискиот Федерален парламент и во регионалниот фламански Парламент со задача да го истражат целиот случај.

Комисијата на фламанскиот Парламент во мај годинава објави конечен извештај од истрагата со над 100 препораки за справување со злоупотребата на децата и со сексуалното насилство во Црквата и во општество во целина.

Како одговор на препораките, Католичката црква во Белгија во јуни најави спроведување на анкета, со цел „да ги слушне жртвите на злоупотреба од страна на свештениците“ и да добие сознанија за случувањата од „најширока можна група на жртви“.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме