
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, својата посета на Обединетото Кралство (ОК) ја започна со посета на Кралската Воена Академија во Сандхрст. За време на посетата, генералот Лафчиски оствари средба со командантот на Академијата, бригаден генерал Ник Вајт-Бојкот. На средбата беа разменети мислења за развојот на воената едукација во двете армии, за предизвиците со кои се соочува военото образование во денешната сложена гео-политичка ситуација, како и за можната соработка во иднина, односно упатување на питомци и старешини од Армијата на школување во оваа престижна Академија.

Заменикот командант на академијата одржа брифинг пред генералот Лафчиски на кој го образложи системот на воено образование и обука во ОК, можните начини да се постане офицер, како и програмата за образование која моментално се изучува на Академијата.
Посетата на Сандхрст заврши со историска тура на просториите, запознавање со богатата традиција и обичаи на питомците на Академијата, како и просториите за обука и престој.
Во текот на следните два дена посетата на генералот Лафчиски продолжува на Конференцијата за копнено војување, како и со повеќе средби со највисокиот воен врв на Вооружените сили на ОК.