Утрински Весник
Свет

Португалија прогласи вонредна состојба во областите погодени од пожарите

20240918151133 Big 730x400 62 1.webp.webp

Португалската влада денеска прогласи вонредна состојба во областите најтешко погодени од пожарите, вклучително и областа Авеиро, јужно од Порто.

Во земјата моментално има повеќе од 100 пожари, а најмалку седум лица загинаа во Авеиро и Визеу, меѓу кои и пожарникари и цивили, објави цивилната одбрана.

Авеиро беше меѓу најтешко погодените области, додека неколку големи пожари зафатија и други шумски области.

Политичарот Дуарте Коста во вторникот вечерта изјави дека специјализиран тим за итни случаи од 230 шпански војници ќе биде распореден во Визеу.

Властите допрва треба да соопштат податоци за материјалната штета и бројот на евакуирани.

Португалскиот премиер Луис Монтенегро ги повика полициските инспектори да ги удвојат напорите за пронаоѓање на одговорните за подметнувањето на пожарите и вети помош за погодените.

Останатите членки на Европската унија, Шпанија, Франција, Италија и Грција ангажираа по два канадери во Португалија, а помош во форма на четири противпожарни авиони пристигна од Мароко. Шпанската армија, исто така, испраќа 240 војници и возила од своите итни противпожарни баталјони во Португалија.

Властите мобилизираа повеќе од 5.000 пожарникари, а уништени се десетици куќи и илјадници хектари шума.

Португалската национална гарда соопшти дека од саботата уапсила седум лица осомничени за подметнување пожар во областите Леирија, Кастело Бранко, Порто и Брага.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд