Утрински Весник
Македонија

„Порталот се базира на омраза и кафеански трачеви инспирирани од нарачки и уцени“, новинари и политичари за порталот „ДоказМ“

„Порталот се базира на омраза и кафеански трачеви инспирирани од нарачки и уцени“, новинари и политичари за порталот „ДоказМ“

Новинари, јавни личности, политичари, бизнисмени. Ова се само дел од профилите на лицата кои досега биле таргет на порталот „ДоказМ“ чиј сопственик е Марјан Стаменковски, сега осомничен за четири кривични дела меѓу кои е и уцена. „Макфакс“ контактираше со мал дел од нив, како новинарката Сашка Цветковска, водителката Јелена Спенџарска, министерот Љупчо Николовски, ексминистерот Дамјан Манчевски. Дел тврдеа дека не знаат оти за нив имало натписи на порталот од Стаменковски. Дел не сакаа да коментираат.

dobivaj vesti na viber

Текстовите од порталот ги читала новинарката Сашка Цветковска која е и главен уредник на „ИРЛ“. Таа за „Макфакс“ посочува дека контактирала со Стаменковски за навредите и клеветите кои ги добила, а тој, според неа, и кажал дека се нарачки. Сведочи дека порталот се базира на злоба, омраза и кафеански трачеви инспирирани од нарачки, уцени и други дела. Цветковска посочува: „Се надевам дека органите на правдата ќе ги документираат и обелоденат“.

„Првиот пат господинот Стаменковски ми посочи дека текстовите за мене, полни со родово инспирирани навреди и клевети, биле нарачани од личност од политичкиот живот за која што сме пишувале. Од друга страна, не можам да разберам како било кој угледен бизнисмен или политичар се впуштил да се пресметува со критични гласови или со конкуренцијата преку вакво гнасно гласило. Тоа многу зборува и за деловната и политичка култура во земјата и како тие ги разбираат медиумите. Се ширеа шпекулации дека господинот Стаменковски е платен дебело од конкурентска болница во која одговорен е еден добро познат олигарх, со што ова гласило дополнително учествува во инструментализација на чесната и тешка вистинска новинарска работа“, вели Цветковска која додава дека неколку пати била мета на Стаменковски.

Новинарката посочува дека последните напади ја дискредитирале и нивната работа на документарецот и додаде: „Од причини нему познати нѐ нарече ку**и и новинарки рекетарки“.

Натписи на порталот од Стаменковски имаше и за екс-министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски. „Макфакс“ контактираше со него околу наводите искажани во истите, а тој посочи: „Да бидам искрен никогаш не го пратев порталот, па еве и сега од вас разбрав како ме нарекле“.

Серија објави имаше и за водителката Јелена Спенџарска. Таа одби да ги коментира нив и сопственикот на порталот, Стаменковски.

„Јас човекот не го познавам, не сакам да навлегувам во темата, не ме познава ни тој, никогаш не сме се сретнале ни виделе во животот. На тој човек му посакувам сѐ најдобро, кај ќе оди што ќе прави не знам, си има закон во државата, јас лично не би сакала да давам никакво мислење за тоа и не сакам да коментирам“, кажа Спенџарска.

Контактиравме и со министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Го прашавме и него, дали знае која е целта на објавите на порталот „Доказм“ каде е напаѓан. Тој до оваа објава, не одговори на прашањата.

Скопското Обвинителство отвори постапка против Марјан Стаменковски. Во неговиот дом беше извршен претрес и бил пронајден поголем износ на пари за кои се сомневаат дека се стекнати со извршување кривични дела, а исто така одземени се телефони и лаптопи. Стаменковски доби и притвор од Кривичниот суд поради опасност од бегство. Засега е познато дека новинари, свештеници, но и граѓани и телевизии се пријавители на делата за кои сега се сомничи сопственикот на порталот.

Можете да прочитате

До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд

Петар е тежок 2 килограми и 350 грама: 61-годишната мајка којашто се породи на ГАК имала замрзнато јајце клетка

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура