Утрински Весник
Македонија

Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани избегал од куќен притвор

Policija.webp.webp

Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава.

-Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, потврдија од МВР за МИА.

Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ за време на посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули побара од скопските власти да и го екстрадираат Рамадани на Србија.

Прашањето за неговата екстрадиција беше отворено и при посетата на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Скопје на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно, обвинувајќи ја Србија дека има тенденција да ги расипува односите меѓу државите од Западен Балкан.

Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени.

Можете да прочитате

Реновираното „петто“ оделение во КПУ „Идризово“ ќе обезбеди капацитет од 100 нови места за затвореници

Кекеновски за Иџет Меџити: Ова ли е правда?

Приведен крадец од Струмица баран по потерница