Утрински Весник
Свет

Поранешниот еврокомесар Дидие Рејндерс официјално осомничен за перење пари

20251104232710 big 730x400 16.webp.webp
Dik 300x250 mk

Поранешниот европски комесар за правда и министер во неколку белгиски влади, Дидие Рејндерс е официјално обвинет за перење пари, откако бил сослушан од истражните органи на 16 октомври, објавија синоќа бриселските медиуми. 

Обвинението против Рејдерс е покренато поради сомнежи дека „перел“ пари со сомнително потекло, на тој начини што најчесто со готовина купувал т.н. „е-билети“ за игри на среќа, чија вредност е помеѓу едно и 100 евра и може да се набават на многу продажни места ширум Белгија, и потоа средствата од тие ваучери што му легнувале на сметката намената за игри на среќа ги префрлал на неговата лична трансакциска сметка.  

Според истражните органи, „сомнителни активности“ на Рејндерс започнале уште во времето кога бил белгиски министер и траеле до 2023 година и се претпоставува дека на овој начин биле испрани околу еден милион евра. Истрагата била покрената врз основа на пријава на белгиската „Националната лотарија“ во 2022 година за „сомнителни трансакции“. 

Бриселското јавно обвинителство и адвокатите на Рејндерс одбиле да ја потврдат информацијата дека поранешниот еврокомесар е обвинет.  

Информациите дека Рејндерс е под истрага за овој случај беа објавени лани во декември, само неколку дена откако Рејндерс ја напушти должноста еврокомесар. Тогаш Ренјдерс тогаш беше само сослушан од полицијата, која изврши и претрес во неговиот дом во Брисел и во куќа во негова сопственост во местото Висул, што се наоѓа помеѓу градовите Лиеж и Намур. 

Во рамки на истрагата против Рејндерс претреси на неколку локации беа извршени и во јули, откако до белгиското Јавно обвинителство беа доставени извештаите на „Националната лотарија“ и Централната единица за финансиски истраги (ЦФИ), изработени на негово барање. Според „Националната лотарија“, Рејндерс наводно „испрал“ околу 200.000 евра преку „е-билетите“ за игри на среќа во период од пет години, додека според ЦФИ, на овој начин за околу десет години на неговата сметка легнале приближно 800.000 евра сомнителни средства.  

За време на сослушувањето Рејндерс изјавил дека овие пари потекнуваат од „трговија со антиквитети“, поради што полицијата во јули изврши претреси во домот трговецот со антиквитети Оливие Тенисен и во неговата антикварница во Брисел, како и во домот на поранешниот претседател на Одборот на директори на белгиската национална железница, Жан-Клод Фонтиноа близу Намур, кој наводно „речиси секојдневно“ купувал уметнички дела и антиквитети и тоа најчесто во антикварницата на Тенисен.  

Рејндерс во 1999 година беше избран за белгиски министер за финансии, функција на која остана до 2011-та, кога ја презеде должноста шеф на дипломатијата, што ја вршеше се до неговиот избор за еврокомесар во 2019 година. Дополнително од 2018 до 2019, тој беше и министер за одбрана на Белгија. Во периодот од 2007 до 2011 година, како министер за финансии, Рејндерс бил задолжен и за раководење со белгиската „Национална лотарија“, но делата за кои се сомничи биле извршени по овој период.   

Истрагата против Рејндерс за овој случај започнала уште во 2023 година, но таа се држела во тајност се додека тој не ја напушти функцијата еврокомесар на 1 декември 2024 година.

Можете да прочитате

Хакерски напади врз белгиските телекоми „Проксимус“ и „Скарлет“ 

Германија го забрани муслиманското здружение Интерактив, се вршат рации и заплена на средства

Најмалку седум загинати при уривање на карго-авион на „ЈупиЕс“ во Кентаки