Утрински Весник
Македонија

Поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши

Spe 9421.jpg

Поранешниот македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши. Чинот бил извршен во православниот храм на МПЦ-ОА „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол во Скопје, од страна на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

„На 28 мај 2025 година, кога Светата Црква го прославува Одданието на Воскресение и споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, отслужи Божествена Литургија во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ – Криви Дол, Скопје. На Литургијата Архиепископот го ракоположи во јероѓаконски чин монахот Георгиј (Ѓорѓевски).”, објави Скопската епархија на МПЦ-ОА на својата веб-страница.


Ѓорѓевски е македонски теолог и универзитетски професор. Тој е редовен професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што предава предмети од областа на Старозаветната теологија, вклучувајќи Библиска историја и археологија, Вовед во Стариот Завет и Егзегеза на Стариот Завет.

Своето високо образование го започнал на истиот факултет, каде што дипломирал теологија. Потоа продолжил со постдипломски студии на Понтификалниот универзитет „Грегоријана“ во Рим, Италија, каде што магистрирал и докторирал во областа на библиската теологија.

Во периодот од 2010 до 2014 година, Ѓорѓевски ја извршувал функцијата амбасадор на Македонија при Светата Столица (Ватикан).

Ѓорѓевски е автор на бројни научни трудови и книги. Во периодот од 2016 до 2023 година, тој бил декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Можете да прочитате

Филипче: Подготвени сме да разговараме за една изборна единица, но под еден услов

Се пренасочува сообраќајот на патниот правец кон ГП Блаце поради сообраќаен метеж

Најден е тефтерот на газдата на „Пулс“ Дејан Јованов, се знае кому сè плаќал мито, откри Коцевски