Поранешниот градоначалник на село Рилци , Благоевградско – Живко Чукарски , ја призна вината и склучи спогодба со Окружното обвинителство во Благоевград за сторено документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани од Република Северна Македонија.
Истрагата утврди дека Чукарски изготвил и потпишал 246 потврди за постојана адреса на живеење за македонски државјани , без тие всушност да бидат присутни во селото или да ги достават потребните документи за регистрација на адресата.
Во периодот 2016-2019 година, во селото Рилци биле регистрирани над 4.000 македонски државјани . Според истрагата, дел од регистрациите на адреси се вршени на непостоечки адреси, па дури и на празни полиња без достапни згради.
Иако голем дел од фиктивно пријавените македонски државјани веќе се одјавени од селото Рилци , проблемот со лажните адреси во регионот продолжува. Во соседното село Бело Поле се уште има повеќе од 10.000 македонски граѓани , кои мештаните никогаш не ги виделе.