Поранешниот британски премиер Џон Мејџор негодува на популарната серија „Круната“ на „Нетфликс“, чиј петта сезона ќе започне да се прикажува на 9 ноември, нарекувајќи ја „куп глупости“.
Биографите на кралскотото семејство веќе остро ја критикуваа новата сезона, која излегува два месеци по смртта на кралицата Елизабета Втора. Тие тврдат дека новите епизоди содржат голем број невистини и му наштетуваат на угледот на тогашниот принц Чарлс, кој оттогаш стана крал.
Според британскиот печат, петтата сезона ќе биде за Чарлс кој, додека бил принцот од Велс, подготвува заговор да ја собори кралицата. Медиумите претпоставуваат дека тоа ќе вклучува разговори во кои Чарлс го притиска Џон Мејџор да ја принуди неговата мајка да абдицира.
Соработници на поранешниот конзервативен премиер, кој беше на власт од 1990 до 1997 година, објавија соопштение во кое се наведува дека „тоа е чиста измислица“.
„Сер Џон и принцот од Велс никогаш не разговарале за абдикацијата на кралицата Елизабета Втора. Џон Мејџор на кој било начин не соработувал со „Круната“. Никој не му пристапил да го провери сценариото на серијата“, се вели во соопштението.
„Доколку сцените се навистина такви какви што ги опишуваат медиумите, треба да се гледаат исклучиво како штетна и злонамерна измислица. Тоа ќе биде куп глупости што се пренесуваат заради драматизација, што е целосно невистинито“, се додава во соопштението.
Продуцентите ги отфрлаат ваквите критики и истакнуваат дека „секогаш ја најавувале серијата како фикција базирана на историски настани“.