Австриската армија денеска ги прекина спасувачките операции во провинцијата Хатај во Турција, која беше погодена од земјотресот, поради влошување на безбедносната ситуација, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на француската агенција АФП.
„Имаше судири меѓу разни групи“, изјави портпаролот на австриската армија, како што пренесе АФП на Твитер.
Воениот претставник не даде повеќе детали за судирите.
„Австриските сили се засолниле во камп со други меѓународни организации и чекаат инструкции“, изјави воениот портпарол.
Германија денеска објави дека ги прекинува спасувачките операции во зоната на земјотресот во Турција, поради безбедносни причини.
Германската Федерална агенција за техничка помош (THV) ги прекина спасувачките операции, кои ги спроведуваше во координација со турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), поради промената на безбедносната ситуација во регионот Хатај, јави Си-Ен-Ен.
„Во последните неколку часа безбедносната ситуација во регионот Хатај е јасно променета. Има се повеќе извештаи за судири меѓу различни групи. Затоа германските тимови за пребарување и спасување засега ќе останат во заедничкиот базен камп. Работата ќе продолжи веднаш штом АФАД оцени дека ситуацијата е безбедна“, се вели во соопштението.