Утрински Весник
Свет

Попушти брана на истокот на Судан, најмалку 30 загинати и голем број исчезнати лица

20240827080519 Big 730x400 12.webp.webp

Најмалку 30 лица загинаа откако попушти брана на истокот од Судан, јавија британските медиуми, повикувајќи се на Обединетите нации.

Во инцидентот веројатно има многу повеќе жртви, откако под вода останаа најмалку дваесет села. Како резултат на пукањето на браната, погодени се домовите на околу 50 илјади лица. 

Локален функционер за суданската информативна веб-страница Ал-Тагир изјави дека проценува дека има најмалку 60 мртви.

Амр Еиса Тахер, шеф за водни ресурси во провинцијата Црвено Море, рече дека штетата е голема.

Суданската новинска агенција Медамек, повикувајќи се на воената авијација, објави дека меѓу 150 и 200 лица се водат за исчезнати и дека многу селани се искачиле на карпести ридови за да избегаат од надојдените води.

Ѕидот на браната Арбат попуштил во неделата по обилните дождови. 

Инцидентот се случи на 40 километри северно од Порт Судан – град на брегот на Црвеното Море, каде всушност е сместена владата на земјата.

Областа веќе е опустошена од граѓанската војна што избувна во Судан во април минатата година.

Случајот потсетува на она што се случи во Либија во септември минатата година, кога илјадници луѓе загинаа во градот Дерна како резултат на уривање на двата ѕида на браната.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години