Утрински Весник
Свет

Помошта сè уште не пристигнала во Сирија: „Им треба апсолутно сè“

Помошта сè уште не пристигнала во Сирија: „Им треба апсолутно сè“

На Сиријците погодени од разорниот земјотрес, кој ги погоди нивната земја и Турција во понеделникот, им треба апсолутно сè во смисла на помош, изјави специјалниот пратеник на Обединетите нации, Геир Педерсен, пренесуваат агенциите.

dobivaj vesti na viber

ОН добија уверување дека првата помош од Турција ќе пристигне во Сирија в четврток, рече Педерсен на брифингот во Женева, повикувајќи на гаранции дека нема да има политички пречки за да се стигне помошта онаму каде што е најпотребна.

ОН претходно објави дека се очекуваат шест камиони со хуманитарна помош во северозападна Сирија.

Според извори од ОН, конвојот го користи граничниот премин Баб ал-Хава. Камионите наводно досега не можеле да стигнат до тој премин поради оштетување на патот. Според Светската здравствена организација (СЗО), патиштата сега се делумно санирани.

И пред земјотресот преминот Баб ал-Хава беше спас за речиси 4,5 милиони луѓе во областите во северозападниот дел на земјата што не се под контрола на сириската влада во ситуација на граѓанска војна во таа земја.

Според податоците на ОН, 90 отсто од локалното население веќе било зависно од хуманитарна помош пред земјотресот.

Регионот е дом на милиони луѓе што биле раселени, понекогаш повеќепати, поради борбите во Сирија. Ги погоди неисхранетост, колера, студено зимско време, а сега и последиците од земјотресот.

 

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година