
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски синоќа иронично му се обрати на Илон Маск, потсетувајќи на нивната претходна конфронтација на социјалните мрежи од март, откако шефот на „Тесла“ и „Спејс Икс“ влезе во отворен судир со американскиот претседател Доналд Трамп.

Во март, Шикорски беше дел од жестока онлајн расправија со Маск и американскиот државен секретар Марко Рубио, откако полскиот министер изјави дека Украина можеби ќе мора да најде алтернатива на сателитската услуга „Старлинк“, во сопственост на најбогатиот човек на светот.
Во една од низата објави на платформата „Икс“, Маск му одговори на Шикорски со зборовите: „Молчи, мали човеку“.
Тензиите меѓу Маск и Трамп вчера прераснаа во јавна пресметка, откако претседателот Трамп му се закани дека ќе ги прекине сите државни договори со неговите компании. Маск возврати со предлог за импичмент на претседателот.

Шикорски пак, објави саркастичен твит: „Гледај, голем човеку, политиката е потешка отколку што си мислеше“.
Маск сè уште нема одговорено на оваа објава.