Полска нема да и’ испорача тенкови „Леопард“ на Украина, изјави премиерот Матеуш Моравјецки за новинарите.
„Засега ние самите немаме намера да ги испорачаме нашите тенкови. Самата Полска, без широка коалиција, нема намера да ги испорача“, рече Моравјецки.
Како што објасни тој, полските власти сега преговараат за создавање „широка коалиција на земји кои ќе и’ предадат тешко оружје на Украина“. За ова прашање, конкретно, полските власти разговараат со Германија. Оваа пролет, Полска испорача неколку стотици тенкови Т-72 на Украина, а купи и 250 и 180 тенкови Абрамс со различни модификации од Соединетите Американски Држави и 1.000 тенкови К2 од Јужна Кореја.
„Волстрит журнал“ претходно напиша дека Полска одлучила да го снабдува Киев со тенкови „Леопард 2“. Моравјецки додаде дека Полска почнала да добива компензација за воената помош обезбедена за Украина.
„Дел од средствата од американските и европските фондови почнуваат да пристигнуваат во Полска. Разговараме и како да ја набавиме опремата што треба да ја замени онаа што и ја предадовме на Украина“, објасни Моравјецки.
Воената помош што Полска и ја дава на Украина се проценува на 1,9 милијарди долари. Претходно беше соопштено дека Полска ја снабдува Украина со тенкови, беспилотни летала, друга воена опрема, муниција и резервни делови за авиони. Русија испрати нота до земјите од НАТО во врска со испораката на оружје за Украина. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков истакна дека испумпувањето на Украина со оружје од Запад не придонесува за успех на руско-украинските преговори и ќе има негативен ефект.