
Полската амбасада во Минск упати драматичен апел до своите граѓани во Белорусија веднаш да ја напуштат земјата, користејќи ги сите расположиви комерцијални и приватни средства.
Дипломатите издадоа предупредување поради можното затворање на границите и „други непредвидени околности“, пишува полскиот портал.
„На граѓаните на Република Полска кои остануваат на територијата на Република Белорусија им се препорачува да ја напуштат нејзината територија со достапни комерцијални и приватни средства“, се вели во официјалното соопштение објавено на веб-страницата на владата.
Повикот доаѓа само еден ден откако полско-белоруската граница беше повторно отворена за сообраќај по речиси две недели затворање. Иако границата е отворена од вчера, полските власти, вклучувајќи го и премиерот Доналд Туск, предупредија дека таа може повторно да биде затворена доколку ситуацијата ескалира.