Утрински Весник
Балкан

Политичката криза во Србија утре на дневен ред на ПССЕ: Студентските протести во фокусот

20250930083552 big 730x400 69.webp.webp

Во Парламентарното собрание на Советот на Европа утре ќе се дискутира за актуелната политичка криза во Србија, а ќе се гласа и за извештајот „Младински движења и демократија“, во кој се споменува и студентскиот протест во Србија.

Дебатата за политичката криза во Србија е вклучена на дневен ред на редовната есенска сесија на ПССЕ, што трае до 3 октомври, како дел од дебатата за актуелни прашања.


Извештајот и резолуцијата „Младински движења за демократија“ од известувачката Евгенија Кравчук од Украина се на дневен ред за попладнето на 1 октомври.

Во нацрт-документот што зборува за младински движења за демократија, се наведуваат најновите примери од земјите-членки на СЕ, меѓу кои од Србија, Украина, Грузија, Турција, Словачка, Франција, Италија, Малта, Велика Британија.

Во делот за Србија, се наведува дека протестите што студентите и младите ги започнаа во Србија во ноември 2024 година, по падот на бетонската настрешница во Нови Сад, набрзо се развија во поширок бунт против корупцијата и авторитаризмот и дека демонстрантите, меѓу кои има многу студенти и млади професионалци, побараа предвремени избори, оставки на министрите и суштински антикорупциски реформи.

Како одговор, владата ја засили репресијата: апсења, физичко насилство, медиумски дезинформации и стигматизација на демонстрантите, но движењето продолжи, обединувајќи генерации и општествени групи и создавајќи една од најголемите граѓански мобилизации во регионот за повеќе од една деценија.

Исто така, се потсетува дека во март и август 2025 година, известувачите на Собранието на СЕ изразија сериозна загриженост за ескалацијата на репресијата и ги повикаа властите во Србија да го почитуваат правото на слобода на мирно собирање и слободата на политичко изразување.

Во април 2025 година, околу 80 српски студенти возеа велосипеди 1.400 км од Нови Сад до Стразбур за да разговараат со претставници на Европскиот парламент и Советот на Европа, залагајќи се за одговорност и демократски вредности.

Протестите во Србија се земаат и како пример за транснационална солидарност, која, како што е наведено во нацрт-документот, стана и одлучувачка карактеристика на младинската мобилизација.

„Протестите во Србија, на пример, беа инспирирани од отпорот на младите во Грузија. Прирачниците за протести, визуелните материјали, дигиталните алатки и стратешките рамки се преведуваат и адаптираат преку границите.

Каналите на социјалните медиуми, шифрираните комуникациски апликации и неформалните сојузи им овозможуваат на младите луѓе да учат едни од други во реално време, создавајќи граѓанска култура што ги надминува националните граници и авторитарните ограничувања“, се додава во нацрт-текстот.

Советот на Европа, најголемата паневропска организација за човекови права, е основан во 1949 година и обединува 46 земји. Србија беше примена во 2003 година.

Можете да прочитате

Хаос во Албанија: Судири пред Парламентот – летаат камења, молотови коктели, солзавец

Романскиот претседател ја отфрли идејата за референдум за обединување на Романија со Молдавија

Уставниот суд ја потврди оставката на Румен Радев, Јотова ја презема претседателската функција