Министерството за внатрешни работи (МВР) утринава информираше дека вчеравечер, во 21:05 часот, екипи на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ извлекле возило марка „Ауди“ од водите на Вардар, при што биле пронајдени три безживотни тела. Од првичните информации се работи за три жени.
Полицијата продолжува со трагање по уште едно лице кое, според исказите на роднини, било зад воланот на возилото во моментот на несреќата. Возилото излетало од патот и паднало во реката, кај село Рашче.
Во автомобилот се наоѓало и четиригодишно дете, кое пред падот на возилото во реката успеало да излета од него. Детето било пронајдено од случајни минувачи, кои го однеле на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Од таму било пренесено во Клиничкиот центар. Според информациите од Клиниката за детска хирургија, детето е во стабилна состојба, но поради сериозноста на повредите останува на опсервација.
МВР продолжува со истрагата и ќе остане на местото на настанот додека случајот не биде целосно расчистен.