
Во изминатото деноноќие полицијата евидентирала седум случаи на семејно насилство во неколку градови низ државата, при што четири лица се лишени од слобода.
Во Куманово, на 3 април во 10:15 часот, полициски службеници го привеле М.М. (32) поради сомнение дека подолг период физички ја малтретирал својата сопруга и ѝ упатувал закани.
Во Тетово се регистрирани два случаи. Првиот, во 21:26 часот, кога 31-годишна жена пријавила дека била физички нападната од сопругот И.М. (31), кој е приведен и задржан во полициска станица. Вториот случај е пријавен во 23:00 часот, кога 23-годишна жена пријавила психичко и физичко вознемирување од невенчаниот сопруг Ф.Р. (23), кој исто така бил лишен од слобода.
Во Скопје, полицијата постапувала по неколку пријави. Во Полициската станица Кисела Вода бил извршен службен разговор со А.С. (38), кој агресивно се однесувал кон својата 57-годишна партнерка и нејзината мајка. Дополнително, малолетник пријавил физички напад од негов згрижувач во населбата Шуто Оризари, додека 64-годишен маж пријавил дека бил нападнат од својот син во Ѓорче Петров.
Во Кичево, на 4 април во 02:45 часот, полицијата го привела Е.Б. (44), осомничен дека во семејниот дом физички ја нападнал својата 41-годишна сопруга.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и дека по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите.


