Утрински Весник
Свет

Поддржувачите на Болсонаро протестираа против Врховниот суд и Лула да Силва

20250804081838 big 730x400 99.webp.webp

Поддржувачите на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, обвинет за заговор за државен удар по поразот на изборите во 2022 година, се собраа синоќа на улиците на неколку бразилски градови за да протестираат против судијата на Врховниот федерален суд, Алесандри де Мораис, и претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.

Демонстрантите повикаа на амнестија за оние вклучени во наводниот обид за државен удар неколку дена откако Лула ја презеде функцијата во јануари 2023 година.


Лидерот на крајната десница Болсонаро не присуствуваше лично на демонстрациите, но неговиот син, сенаторот Флавио Болсонаро, го контактираше по телефон за време на протестот во Рио де Жанеиро. Поранешниот претседател, кој е во домашен притвор, носи електронски уред за следење на глуждот и не може да го напушти домот за време на викендите и празниците, по наредба на судијата Мораис.

Во март, петчлен панел на Врховниот суд едногласно одлучи да продолжи со судењето на Болсонаро по обвинението за заговор за соборување на Лула.

Доколку биде осуден, Болсонаро може да се соочи со долга казна.

Минатиот месец, Мораис воведе превентивни мерки против Болсонаро бидејќи веруваше дека тој и неговиот син Едуардо, конгресмен кој сега живее во Соединетите Американски Држави, соработувале со американските власти во обид да се мешаат во внатрешните работи на Бразил.

Минатата недела, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе царина од 50 отсто за повеќето бразилски стоки.

Администрацијата на Трамп, исто така, воведе финансиски санкции против Мораис според Законот „Магнитски“, кој им овозможува на САД да воведуваат економски санкции врз странци за кои смета дека се вклучени во корупција или злоупотреба на човековите права.

Мораис е судијата што известува во случајот во кој обвинет е Жаир Болсонаро.

За време на протестите синоќа, поддржувачите на Болсонаро, облечени во дресови на бразилската репрезентација, скандираа „Магнитски“ и ги навредуваа Мораис и Лула.

На демонстрациите беа видени и американски знамиња, како и постери во поддршка на Трамп.

Можете да прочитате

Еден загинат, 11 повредени во судар на воз и туристички автобус во Русија

Поради екстремната жештина во Португалија за една недела умреа речиси 300 лица

Жена обвинета откако мало дете е пронајдено во куфер во Нов Зеланд