Утрински Весник
Македонија

Поддршката за ЕУ интеграцијата стабилна, 20% од граѓаните прифаќаат уставни измени

Mk Eu.jpg

Македонските граѓани продолжуваат да ја поддржуваат интеграцијата во Европската Унија, но само 20% од испитаниците сметаат дека државата треба ги направи нужните уставни измени за продолжување со процесот.

Според резултатите од последните анкети спроведени од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер”, 62% од населението продолжува да ги поддржува аспирациите за членство во ЕУ, што е мало зголемување во однос на минатата година. Сепак, постојат значителни разлики во ставовите помеѓу етничките заедници. Додека 82% од Албанците ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ,  кај Македонците овој процент е 56%. 

Оваа година, резултатите покажаа дека, иако билатералните прашања остануваат отворени, граѓаните продолжуваат да гледаат на преговарачкиот процес како усогласување со законите и стандардите на ЕУ. Во 2024 година, секој трет испитаник гледа на процесот токму низ оваа призма. Овој податок ни покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на институционалната и правната реформа како основна компонента на евроинтеграцијата. Истовремено, евроинтеграцијата е најважен надворешно-политички приоритет за 35% од граѓаните, а 26% ја истакнуваат регионалната соработка.

Резултатите покажуваат дека Европската Унија останува најголемиот економски партнер (33%) и донатор (40%) на земјата, зацврстувајќи ја својата позиција како главен стратешки сојузник. САД следи со 22% како економски партнер и 17% како донатор. Иако САД останува фактор со најголемо влијание (41%), тоа бележи пад во однос на 2023 (60%), додека влијанието на ЕУ значително се зголемува (од 19% во 2023 на 37% во 2024). ЕУ за граѓаните е перципирана како најважен сојузник (39%), пред САД (19%).

Ова се дел од наодите од последните истражувања на јавното мислење, спроведени на национално репрезентативен примерок од 1.056 испитаници во периодот октомври-декември 2024 година. Презентацијата на резултатите се одржа денеска во Europe House во Скопје.

Поздравни обраќања на настанот дадоа претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски, и Даниел Браун, директор на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденаур” во Скопје. Свое воведно обраќање имаше и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Република Северна Македонија.

Трошановски информираше дека веќе 11 години по ред заедно со Конрад Аденауер спроведуват истражување на оваа тема и е единственото од ваков вид во земјава. 
„Оваа година констатираме застој во континуираниот пад на поддршката кон ЕУ, блага стагнација што е позитивно. Не знаеме како понатаму ќе се развива овој тренд, но добро е што овој пад е запрен. Добро е што перцепцијата за ЕУ како најпосакуван сојузник на земјата опстојува како најдоминантна од сите други алтернативи. Ова запирање на трендот и покрај тоа скептичноста на граѓаните дека ЕУ ќе биде подготвена за прием на нови членови, секако се должи и на променетиот геополитички контекс во смисла на зголемената неизвесност, најавеното намалување на присуството и интересот на САД во регионот, што се отсликува и со зголемената перцепција за влијанието на САД. Во овој контекст на несигурност и неизвесност и покрај горкото искуство на земјата со пристапниот процес, Унијата останува како најсигурно прибежиште на надворешната геостратешка ориентација на земјата”, рече Трошановски.

Браун истакна дека е позитивно што мнозинството на граѓани сè уште го поддржуваат патот кон ЕУ и дека земјава мора да продолжи по реформскиот пат.

„Позитивно е што мнозинството на граѓани сè уште го поддржуваат патот кон ЕУ, но забележуваме дека бројот повеќе опаѓа отколку што расте и дека не сите групи на населението го гледаат тоа на ист начин. Причините несомнено лежат во разочарувањата од минатото и проблемите со соседните земји. Несомнено е дека Северна Македонија мора да продолжи по реформскиот пат.  Сепак, исто така верувам дека, покрај договорите и обврските на државно ниво меѓу ЕУ и Северна Македонија, луѓето во земјата се надеваат на знак на доверба од ЕУ”, рече Браун.

Рокас потенцираше дека нема сомнеж дека како ЕУ, во изминатите години и децении биле стабилен, сигурен и доверлив партнер за нашата држава. 

„Бевме активни во сите сфери, дававме препораки, добра волја и напорна работа за да ѝ помогнеме на земјата да го забрза својот пат кон ЕУ. Но, анкетите покажуваат дека вербата слабеe, а можеби и фактот што сме присутни насекаде и се обидуваме да помогнеме, не се препознава или, пак, се зема здраво за готово. Живееме во исклучителни времиња, како што и самите споменавте. Нема потреба да повторувам што беше кажано на Минхенската безбедносна конференција, но мислам дека имаме важна задача, бидејќи сега нема друг пат напред освен Европа. Потребно е да станеме политички, безбедносно и економски посилни, вклучувајќи го и талентот од Северна Македонија во ЕУ, и да ги почувствуваме придобивките на континент кој е обединет и гледа со надеж кон иднината. Да, постојат политички прашања за кои сите сме свесни дека го кочат процесот. Но, охрабрувачки е што сега отворено разговараме за нив”, рече Рокас.

Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при УКИМ и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институтот за демократија.
Осврт на истражувачките трудови дадоа Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Викторија Трајков заменик министер за европски прашања и Моника Зајкова, пратеник и член на Национален совет за евроинтеграции.

Можете да прочитате

Меџити ветува илјадници вработувања, Минчев го обвинува за популизам

Кај Демир Капија – Смоквица до крај на месец мај ќе има измена на сообраќај, односно целосно затворање на „Тунел Т2“

Спасовски: Македонскиот јазик е европски и светски признат